Политичка бруталност
Не би знаеле да кажеме дали Мицкоски доволно ги пресметал сите елементи за едно вакво признание и можните далкусежни последици во вмешувањето во една полициска истрага и тоа само како лидер на опозицијата, а не како човек кој би ги имал лостовите на власта. За многумина ова признание делува како предупредување што би правел Мицкоски доколку еден ден стане премиер, па тогаш ќе има уште поголема слобода да се јавува до разни комисии „да се постапува според закон“. Ова негово јавување е особено проблематично кога последниве неколку години неговата партија и тој самиот постојано зборуваат дека од МВР треба да се тргнат рацете на политиката и тоа да биде независен орган кој ќе им служи и ќе ги заштитува граѓаните.
Ова соголување на „политичката бруталност“ (ако така може да ја оквалификуваме) ја изнесе на виделина технологијата на политичарите (колку и да е Мицкоски нов во политиката). Изгледа запрепастувачки леснотијата со која Наќе Чулев му го дал на партискиот лидер телефонскиот број на еден од неговите помошници (бидејќи Мицкоски не го познавал „органограмот“) без да размисли за последиците на тој чекор. Тоа може да имплицира дека Чулев ќе му ги даде на Мицкоски сите телефони на луѓето од МВР коишто тој ќе ги побара, наместо да ја штити независноста и интегритетот на вработените во нивното извршување на задачите. Ова е драматично потклекнување на Наќе Чулев, без оглед на неговите постојани тврдења дека работел независно. Кој знае против колку луѓе МВР води истрага во моментов и ако тој на секого му го дава телефонот на неговите помошници или инспектори за да може директно да интервенира за забрзување на некаков случај, тоа може да доведе до демонтажа на системот во Министерството за внатрешни работи. Чулев, ако сакал да го задржи својот дигнитет и самопрокламираната независност, едноставно требало да му рече на партискиот лидер – „Не, господине Мицкоски, оставете ја комисијата да си ја заврши својата работа и не би требало да се мешате во тоа“. Но тој посакал да се стави на услуга по „отсјајот“ на рацете како што рече, или „обоени ракавици“ (како што објасни Мицкоски).
Дали поради политичка наивност, дали поради моќта на функцијата што ја има и мисли дека таа му дозволува и работи што не се дозволени, Мицкоски на прес-конференцијата уште изјави дека „секогаш кога ценам дека има сторена неправда, злоупотреба, основано сомнение за кривично дело и се нанесува неправда како во случајот што ми беше нанесена мене ,јас ќе се јавам онаму каде што ценам“. Пред извесно време во гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа, објаснувајќи за одредени истраги тој изјави: „Ние сме политичари и кога директно би се замешале во таа работа тоа ќе покаже дека не сме поразлични од овие претходните“. За во истата емисија да каже и сосема спротив став: „Дури и си дозволив да се јавам кај едно од одговорните лица и да побарам што е можно побрзо да се истражи тој случај“.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.