Поради обемниот материјал на Извештајот кој опфаќа политички, оперативен и аналитички дел, општинските организации на СДСМ побараа време за да го анализираат, да се произнесат и да дадат свој придонес, по што Конгресот ќе продолжи, велат од СДСМ
Денешниот 29-ти Конгрес на СДСМ на кој партиските челници требаше да реферираат за тешкиот пораз на изборите на осми мај пред членството е прекинат бидејќи општинските организации на партијата побарале време да го анализираат и да се прозинесат на ниво на општински изборни штабови и организации за обемниот материјал на извештајот кој бил презентиран од страна на шефот на изборниот штаб и генерален секретар на партијата, Миле Зечевиќ Вардарски.
„Предлогот беше поддржан од мнозинството присутни делегати со што се одлучи Конгресот да прекине со работа, да се даде време општинските организации да го анализираат Извештајот, да се произнесат и дадат свој придонес во конечната верзија со забелешки, сугестии и заклучоци“,
велат од СДСМ.
Оттаму велат дека Конгресот на СДСМ ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за Извештајот за претседателските и парламентарните избори а за терминот дополнително ќе се утврдува.
Инаку на денешниот а денешниот отчетен Конгрес на СДСМ се анализираа изборните резултати на претседателските и парламентарните избори 2024 година, врз основа на подготвен детален и обемен Извештај, при што претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ја образложил неговата одлука за повлекување од функцијата.
Токму Ковачевски пред почетокот на Конгресот изјави дека очекува сѐ да помине во најдобар ред и СДСМ да излезе посилен и обединет во процесот на финализирање на изборот на нов претседател и на новото раководство.
„Она што имав да го кажам, го кажав и на 8 мај и на денот кога официјално се повлеков од функцијата претседател на СДСМ, на 22 мај. Очекувам отворена дебата и да се разговара конструктивно и отворено за сите прашања коишто влијаеа на изборниот резултат на овие избори, но и на изборите во 2021 година, бидејќи тогаш не беше одржан отчетен Конгрес. Делегатите ќе имаат за што да разговараат“,
кажа Ковачевски.
Ковачевски, по изборниот пораз, на седница на партискиот Извршен одбор, што се одржа на 22 мај, официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.
„Ковачевски го потврди повлекувањето на седница на партискиот Извршен одбор на СДСМ која ја најави на 8 мај, како високо морален чин и согласно Статутот на партија иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на партијата, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати“,
информираа тогаш од СДСМ.