Конкурс за поетската награда „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата е во тек

Поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), заедно со Јуроп Хаус и поддржан од Делегацијата на Европската унија во Македонија, објави конкурс за наградата „Млада Струга“ 2025. Оваа награда е наменета за најдобрата необјавена поетска збирка од млад, дебитантски автор. Како што наведуваат од фестивалот, учество можат да земат автори на возраст од 18 до 30 години, кои се граѓани на Република Македонија. Секој автор може да поднесе само една необјавена поетска збирка, и аплицирањето е лично. Авторите што до сега немаат објавено збирка со ISBN број се сметаат за дебитанти. Објавувањето на поединечни песни во списанија, поетски избори и антологии, како и настапи на фестивали не влијаат на статусот на дебитант. Овие активности се добредојдени, но не се пресудни за учество.
Минималниот број на стихови во збирката треба да биде 500, а максималниот 1.000. Пријавите можат да се доставуваат заклучно со 30 април 2025 година, како во печатена форма на адреса, така и електронски. Тричлена жири-комисија ќе ги оценува пријавените материјали, а добитникот ќе се објави на 10 јуни 2025 година. Наградата вклучува плакета, финансиска награда, како и издавање на збирката во рамките на изданијата на СВП.
Кандидатите треба да испратат три печатени примероци од збирката во затворен плик, отпечатени еднострано на А4 формат со фонт 12, носејќи ознака „За конкурсот за поетската награда Млада Струга 2025“ до: НУ Манифестација „Струшки вечери на поезијата“, Поштенски фах 111, „Браќа Миладиновци“ бр.5, 6330 Струга. Во истиот плик треба да се вклучи и кратка биографија со био-библиографска белешка до една страница. Документите треба да се испратат и електронски на struga@svp.org.mk и spefestival@gmail.com. Делата од роднини на членови на управата, директорот или жири-комисијата нема да се прифатат.
The post Конкурс за поетската награда „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата е во тек appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: