АВМУ ги повикува политичарите да се воздржат од тужби кон медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикува политичарите да се воздржат од тужби кон медиумите и да не ја загрозуваат слободата на изразување. Најавите за тужби претставуваат директен притисок врз работата на медиумите особено кога известуваат за теми од висок степен на јавен интерес, велат оттаму.
“Медиумите се чувари на јавниот интерес и креатори на јавната свест и затоа мора во интерес на јавноста, да објавуваат сеопфатни и проверени информации. Како што е наведено во Декларацијата за слободата на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа „правото на слобода на изразување со себе носи обврски и одговорности за кои вработените во медиумите мора да водат сметка“.
Воедно ги потсетува претставниците на власта дека со самото прифаќање на функцијата прифатиле да бидат предмет на јавна политичка дебата, а со тоа и предмет на надзор на јавноста и на потенцијално силна јавна критика преку медиумите во поглед на начинот на кој ги извршуваат своите функции.
Агенцијата постојано апелира првенствено да се користи правото на исправка или одговор наместо директно да се прибегнува кон тужби против новинари и медиуми, особено кога станува збор за носители на јавни функции“, се вели во соопштението од АВМУ.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.