Корисни совети за подобра организација на наставата

Во низата дефиниции што ги дефинираат надареното дете и талентираноста, тешко е да се издвојат оние што во целост ни говорат и опишуваат какво е тоа надарено дете и како да го препознаеме. Зошто е тоа така? Со векови многу научници се занимавале со набљудување на децата и утврдување на карактеристиките на талентираните. Не е спорно дека и денес многу од нас увидуваат некои нови карактеристики што ги красат овие деца. Според некои истражувања, учителите/наставниците препознаваат талентирани деца само во 5 отсто од случаите, па така голем процент од овие деца се невидливи за образовниот систем, не само кај нас туку и во светот воопшто.
Сите ние што работиме со деца ги идентификуваме само оние ученици што постигнуваат значајни резултати, редовно решаваат училишни и домашни задачи и го прават она што од нив се очекува. Иако изгледа невозможно, факт е дека самите ученици имаат пообјективна слика за тоа кои ученици се надарени во нивното одделение, за разлика од нас, нивните наставници.
Препознавањето на талентираноста во училишни услови не е ни малку лесно. Голем процент од овие деца целосно се незабележливи за учителите, наставниците, класните раководители, па и стручните соработници. Често се наоѓаме во ситуација првите знаци на талентираноста да ги толкуваме на сосема различен начин, исклучувајќи го фактот дека детето покажува поединечни црти на личноста кои одат во прилог на надареноста. Идентификувањето на талентираните ученици е долготраен процес, кој подразбира следење на детето како во училишните активности така и надвор од нив, преку континуирана соработка со родителите.
Типологијата на талентирани ученици според Џорџ Бетс и Морин Најхарт (адаптирано според Бетс и Нејхарт, 1988), може да ни помогне да го кренеме процентот на успешност во идентификација на талентираните деца и во нашите училишта и следствено на тоа да организираме наставен процес во согласност со нивните потреби. Споменатата типологија е фокусирана на шест типа надарени ученици, каде што талентираноста од тип до тип се покажува на следните начини:
– УСПЕШНО: перфекционист, има високи постигнувања, бара структура во потврда/одобрување од наставникот, не презема ризици, академски е успешен, прифаќа и се конформира, зависен е.
– ПРКОСНО или „ПРЕДИЗВИКУВАЧ“: го поправа наставникот, ги доведува во прашање правилата, искрен е, непосреден, има нагли промени на расположението, недоследно развиени работни навики, слаба самоконтрола, креативност, преферира висока активност и проблематизиран пристап кон материјалот, ги брани своите уверувања, компетитивен.
– ПРИКРИЕНО или БЛОКИРАНО: негира талент, се откажува од програма за талентирани, односно од дополнителна настава, се спротивставува на предизвици, сака да биде социјално прифатен, да припаѓа, менува пријатели.
– ОТПАДНИК: повремено отсутен од училиште, не ги довршува задачите, следи вонучилишни интересирања, издвоен е од остатокот на одделението, груб е кон себе, знае да се изолира, креативен е, се критикува себеси и другите, недоследен во квалитетот на работата, попречува, прави инциденти, дејствува просечно или под просек, дефанзивен е.
– ДВОЈНО ЕТИКЕТИРАНО: недоследен во квалитетот на работата, дејствува просечно или под просек, може да ја спречува наставата и прави инциденти.
– САМОСТОЈНО: има соодветни социјални вештини, работи самостојно, поставува сопствени цели, го довршува започнатото, работи без туѓо одобрување, ги следи областите од страсните интересирања, креативен е, ги брани уверувањата, презема ризици.
Ако ги познаваме карактеристиките на надарените ученици, лесно ќе ги идентификуваме техниките кои во наставниот процес се поддржувачки за овие, но и за сите други ученици. Еве неколку совети за подобра организација на наставата кои во пракса се покажале како ефикасни:
– БИДЕТЕ НЕОБИЧНИ
Колку и да сте одличен методичар, досадата на лицата на учениците е повик за промена на ритамот на часот. Здодевноста може да ја прекинете со поделба на стикери и нови прашања на кои треба да одговорат учениците на пример: Ова што сега го слушам потребно ми е заради…Оваа тема би била интересна кога… и слично.
– ВЕЖБИ ЗА КОНЦЕНТРАЦИЈА
Загледајте се во лицето на другарот и пронајдете некоја специфичност која никогаш досега не сте ја забележале. Погледнете го насловот на учебникот и пронајдете нешто што досега не сте го уочиле…
– НАМЕРНО ПРАВЕТЕ ГРЕШКИ


Барајте од учениците да ги уочат грешките или да ги запишат.
– ДАЈТЕ ЛИЧЕН ПЕЧАТ ВО СВОИТЕ ЗАДАЧИ
Користете целосни имиња и презимиња на своите ученици или колеги наставници, на нивните позитивни идоли.
– САМОТЕСТИРАЊЕ
Искористете час за систематизација или утврдување за учениците самите да ги составуваат прашањата за тест, каде што еден дел од овие прашања ќе ги земете за следната пишана проверка на знаењата.
– ПОСТАВУВАЊЕ ПРАШАЊА
Мотивирајте ги да поставуваат прашања од темата што ја обработувате, а тоа вреднувајте го како активност на час.
– КЛУЧНИ ЗБОРОВИ
Нека ги идентификуваат во текот на вашите предавања со стикери.
– ЛИЧНО ДОЖИВУВАЊЕ
Обојте ги предавањата со лични доживувања кои се поврзани со темата – сè што има личен печат полесно се помни.
– ОРГАНИЗИРАЈТЕ СИМУЛАЦИЈА ВО УЧИЛНИЦАТА
Пожелни се дебати, театри, изложби…
– ЧАСОТ НЕКА ЗАПОЧНЕ, КОЛЕГА
Замолете го колегата да ги воведе учениците во темата, а вие продолжете понатаму.
– УЧЕНИЦИ-ЕКСПЕРТИ
Подгответе поединечни ученици на следниот час да бидат во улога на експерти во врска со темата што ја обработувате.
– ВИРТУЕЛНА ПОСЕТА НА ЛАБОРАТОРИЈА
Изненадете ги во текот на часот со онлајн-посета на некоја институција, лабораторија, музеј и слично, каде што ќе се запознаат со некои поединости во врска со темата што ја обработувате.
– НАУЧНО СПИСАНИЕ
Организирајте час по систематизација така што најзначајните детали во врска со некоја тема учениците ќе ги спакуваат во форма за насловна страница за научно списание.
– ГРАФИТИ КАКО ОДГОВОРИ


Поставувајте прашања на интересен начин, барајќи од нив во пар или во група да го прикажат одговор преку графит на хартија или ѕид.
– ЏОКЕРИ ЗА ДОСАДА
Анализирајте со учениците текст од весник кој е врзан за темата, обидувајќи се да ја докажете неговата објективност.
– НЕОБИЧНИ ДОМАШНИ ЗАДАЧИ
Дајте им домашни задачи кои немаат врска со материјалот, а потоа во воведниот дел од следниот час укажете дека домашните задачи ја збогатиле нивната општа култура и децата станале поинформирани.
– ЛИСТА СО ДОВЕРЛИВИ ВЕБ-СТРАНИЦИ
Направете со учениците листа со веб-страници на кои може да се пронајдат релевантни информации за наставната тема со која се занимавате.
–ПОСТАВУВАЈТЕ ИМ НЕОЧЕКУВАНИ ПРАШАЊА
Поставете им различни прашања за среќата, животот, интернетот, одговорноста, истрајноста, успехот, неуспехот, музиката, нивните идоли… Одговорите може да се запишат на стикери. Сигурно меѓу нивните одговори ќе може да се пронајде врската со вашиот предмет.
Ова се само мали насоки за тоа како може да се одржува наставата која ќе биде интересна не само за надарените, туку и за другите ученици. Јас ги испробав овие техники, пробајте ги и вие!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.