Оваа социјална појава се нарекува „phubbing“ (англицизам, кованица од зборовите „phone“ (телефон) и „snubbing“ (игнорирање)) и, според некои истражувачи, ги уништува нашите врски.
Па, која е психологијата позади ова однесување и, уште поважно, на кој начин можеме да ја промениме оваа лоша навика?
Што е „phubbing“? Како што објаснивме погоре, се работи за неологизам во англискиот јазик и тој неодамна беше вклучен во австралискиот речник Мекери. Ние би можеле, на пример, да го прилагодиме, односно да го преведеме како „теленорирање“. Тоа објаснува од каде потекнува самиот збор, но однесувањето што го опишува е добро познато на секој што некогаш поседувал паметен телефон. Без разлика дали ги сакаме или не, паметните телефони се нераскинлив дел од модерниот начин на живот. Според „Статиста“, бројот на корисници на паметни телефони надминува шест милијарди и најверојатно ќе продолжи да се зголемува.
Со оглед на тоа што секој од нас е активен корисник на мобилен телефон, загриженоста за распространетоста на „phubbing“ е сосема разбирлива. Како мобилните телефони им влијаат на нашите врски? Научнички тим од Универзитетот во Есекс, Велика Британија, спроведе истражување во врска со влијанието на мобилните телефони врз лице-в-лице комуникацијата.
Во студијата, објавена во „Journal of Social and Personal Relationships“, е заклучено дека на луѓето им е потешко да оформат квалитетни односи со другите доколку вниманието е вперено кон мобилните телефони. Ова влијание било уште поизразено кога од испитаниците било побарано да разговараат на лично значајни теми.
Сепак, подоцнежна студија не успеа да ги повтори резултатите добиени во првата студија, фрлајќи сомнеж врз идејата дека користењето мобилни телефони во друштво на блиски личности може да е штетно. Во еден осврт на издадената литература за оваа појава, се вели дека оние кои го сведочат ова однесување од страна на соговорникот не се чувствуваат задоволни во врска со социјалните интереакции, чувствуваат помала доверба кон соговорникот, а не е исклучена можноста за појава за љубомора и лошо расположение.
Друга студија вели дека ваквото однесување може да доведе до еден маѓепсан круг – намалено задоволство од врската и зголемено чувство на осаменост. Имено, луѓето кои имаат поголема емпатија се уште поранливи во ваквите ситуации. Важно е да се напомене дека не се погодени само романтичните врски. Некои истражувачи се загрижени за зголемената употреба на телефоните од страна на родителите во близина на своите деца и за тоа како ова ќе влијае врз нивното растење и благосостојба. Врсничкиот „phubbing“ е постоечки феномен меѓу младите, кој се зголеми уште повеќе со појавата на коронавирусот и со потребата да се намали досадата за време на карантините.
Секој оној кој имал љубовна врска на далечина, блиска роднина која живее во странство или бил затворен дома во поради коронавирусот е свесен за важноста на мобилните телефони и можноста која ни ја нудат – да бидеме поврзани со нашите најсакани, каде и да сме. Но, зошто ни е толку тешко да ги слуштиме телефоните долу кога личност ни е тука? Зошто не можеме да ја смениме оваа навика? Практикувањето на оваа појава е толку често, што веќе станува социјално прифатлива. Па, зошто бесцелното читање твитер-објави во друштво ни е толку тешко за игнорирање?
Се смета дека една од главните причини е што голем дел од луѓети се плашат дека ќе пропуштат нешто многу важно на социјалните мрежи. Потребата да се биде во чекор со сѐ е нешто што ги тера луѓето да ги претпочитаат мобилните телефони повеќе од обичниот разговор со пријателите и членовите на семејството.
Целосно лишени од своите телефони, учесниците во едно истражување пријавиле намалена концентрација, но кога телефоните им биле вратени, но им било кажано дека не смеат да ги користат, нивната концентрација се подобрила. Сума сумарум, идеалното сценарио е да се има мобилен телефон, но да се обидеме да му одолееме на искушението да го користиме цело време.
На тој начин, ние ќе бидеме пофокусирани на социјалните интереакции. Па, наредниот пат кога ќе бидете во искушение да го земете телефонот во рака додека разговарате со некого, само превртете го на масата и продолжете со разговорот. Дефинитивно, содржината на социјалните мрежи некогаш е помалку важна од она што блиските луѓе сакаат да ни го споделат.