Короната може да го помести пописот, но максимум до јуни

Ќе се разгледува можноста за одложување на пописот закажан за април, потврди премиерот Зоран Заев, прашан за предлогот на претседателот на државата Стево Пендаровски пребројувањето на населението да се спроведе во мај или во јуни, ако тоа го налага епидемиолошката состојба. Заев додава дека налето попис не може да се спроведува, а ги отфрли од игра и септември и октомври, кога би се одвивала кампањата за локалните избори.
– Подготвени сме да размислиме за одложување од еден месец до месец и половина, односно да завршиме некаде до средината на јуни, иако веќе гледам дека опозицијата таквата можност ја одби – изјави премиерот, коментирајќи и дека за ВМРО-ДПМНЕ е спорно што би се спроведувал попис во април поради ситуацијата со коронавирусот, а во исто време најавуваат собирање потписи за уривање на процесот.
Од опозициската партија соопштија дека предлогот на Пендаровски е задоцнет и бараат одржување на пописот во март 2022 година, потенцирајќи дека треба исклучиво да се спроведува по електронски пат. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој од Државната изборна комисија ја започна иницијативата за собирање потписи, истакна дека приоритет треба да биде здравјето на граѓаните.
– Ништо нема да промени доколку неколку месеци пописот биде одложен, наместо овој што е планиран во април 2021 година. Гледаме дека воопшто не се ни направени пописните тимови, ниту, пак, обучувачите на истите пописни тимови, имајќи ги предвид пандемиските услови во кои државата се наоѓа и невозможно е да бидат обучени, а притоа да биде заштитено практично здравјето на тие луѓе што ќе бидат дел од пописните тимови – изјави Мицкоски, порачувајќи дека единствено преку електронски попис, со вкрстување податоци од базите на институциите, ќе се оневозможи ризик врз здравјето на граѓаните.
На прашањето, пак, за начинот на кој ќе се спроведува пописот, и премиерот Заев и претседателот Пендаровски се на иста линија. Двајцата тврдат дека базите на податоци нема да ги дадат неопходните одговори. Според Заев, во нив не се содржат етничката или верската припадност на граѓаните, а според Пендаровски преку теренскиот пристап ќе се намалат сомнежите за злоупотреби.
– Се тргнува со теза дека Ахмети и Заев договориле 32 процента да бидат Албанци во државава. Во меѓувреме има заложби за спроведување електронски попис. Ако навистина верувате во оваа небулоза дека некој може да штелува проценти, десетпати полесно би било да се наместат 32 отсто Албанци во земјава ако се спроведува само електронски попис, отколку со спроведување на пописот од куќа до куќа. Ова делува како шега, но за жал не е и нештата се навистина сериозни – изјави претседателот Пендаровски во интервју на „24 Отворено“.
Во меѓувреме, хрватските власти, токму поради епидемиолошката состојба, решија да го одложат спроведувањето на пописот на неколку месеци, а за да не го прекршат рокот од десет години без спроведен попис, најавија дека тоа ќе го сторат најдоцна до март 2023 година.
Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека заедно со Комисијата за заразни болести ќе бидат на располагање за едукација и донесување посебни протоколи при спроведувањето на пописот, кој, според нив, е голем предизвик за време на пандемија.
– Процесот може да се спроведе и да се заврши по сите здравствени протоколи, без влошување на епидемиолошката состојба, каков што беше примерот со минатогодишните предвремени парламентарни избори. Консензусот на ниво на СЗО е дека ниту еден процес или постапка не треба да запре, туку треба да се спроведува со протоколи што се универзално прифатени во сите земји – одговорија од Министерството, додавајќи дека се подготвени да им одржат и обука на попишувачите.
Претходно, директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски истакна дека максимално ќе се почитуваат постојните протоколи, бидејќи, како што рече, самите попишувачи имаат семејства што не сакаат да ги доведат во ризик. Тој дополни дека не очекува пандемијата да биде значаен фактор кој ќе влијае и врз бројката на пријавени попишувачи на огласот што наскоро ќе биде објавен.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.