Косово набргу може да остане без лекари и медицински сестри

Косовски лекари и медицински сестри емигрираат во земјите од Европската унија, посебно во Германија, така што многу бргу може да се случи косовските здравствени институции да се соочат со голем недостиг од стручни кадри, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Според истражување на Синдикалната федерација на здравството, дури 73 отсто од анкетираните студенти по медицина изразиле готовност да ја напуштат земјата.
Директорот на најголемиот ургентен центар во Косово Басри Лењани предупредува дека многу бргу земјата ризикува да остане без лекари.
– Косово ги школува здравствените кадри, лекарите и медицинските сестри за потоа да ѝ ги предаде на Европската унија, каде што емигрираат за повисоки плати и подобар институционален третман, вели Лењани во изјава за весникот „Зери“.
Стотици лекари и друг медицински персонал од Косово, според медиумите, досега се иселиле главно во Германија, каде што се плаќаат речиси десеткратно повеќе.
Платата на лекар специјалист во Косово е околу 600 евра, специјализантите добиваат помалку од 500 евра, додека медицинските сестри ниту 400 евра. Во Германија, пишува „Зери“, еден специјализант е платен околу 4.000 евра месечно, додека специјалистите уште повеќе.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.