Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, смета дека соодветно решение за нацртот за заедницата на општини со српско мнозинство на Косово може да биде испратен само на евалуација во Венецијанската комисија, а потоа ќе се размислува како да се имплементира
Доколку Србија целосно го спроведе основниот бриселски договор и охридскиот анекс, Косово ќе го разгледа нацртот на Европската Унија за Заедницата на српски општини во Косово (ЗСО), вели министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала. Таа во интервју за „Косова прес“ кажа дека Косово не може да му го испрати нацртот на емисарот на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак, за ЗСО до Уставниот суд на Косово како посебен дел од договорот постигнат минатата година, туку само како дел од пакетот што го вклучува планот за детална имплементација.
„Не ја игнорираме одлуката на Уставниот суд и таа заедница, со оние силни права што ѝ беа дадени со договорот од 2013-2015 година, со оваа влада не може да се реализира. Ова беше причина што подоцна добивме нов нацрт изготвен од ЕУ. Меѓутоа, и со новиот нацрт на ЕУ, видовме дека со Србија на билатералните разговори во Брисел немаме успех. Не можеме да примениме нешто што е предвидено во Брисел како дел од договорот во рамките на нормализацијата на односите со Србија, доколку Србија тоа го одбива“,
вели Грвала.
Таа вели дека никогаш официјално не добиле барање од сојузниците да направат нацрт за ЗСО, туку дека тоа секогаш било во рамките на она што се случува во Брисел во однос на разговорите и договорите помеѓу Приштина и Белград.
„Ова е нашата понуда, ако видиме дека во Брисел овој досега неуспешен дијалог не може да донесе резултати, тогаш зошто да се одолговлекува и да се разговара на теми. Да бидам искрена, по резултатот што го имавме и целосната неподготвеност на нашите партнери да ја третираат оваа тема, оптимизмот и подготвеноста на нашите институции да се нафатат со ова не е многу голема. Ние ја дадовме нашата понуда, но ако понудата не се земе предвид таа не може да биде вечна“,
рече Грвала.
Грвала побара од официјален Брисел, нацртот да биде испратен на евалуација во Венецијанската комисија за да може да се чуе и да се постапува по пресудата бидејќи, според неа, еден ваков документ не би бил здрав за земјата доколку нема официјално признавање на независноста од страна на Србија.