Косовскиот парламент и во шестиот обид не избра претседател

Парламентот на Косово ни по шести пат не успеа да избере свој претседател, со што продолжува институционалната блокада по парламентарните избори одржани во февруари, јавуваат локални медиуми.

Движењето „Самоопределување“ на досегашниот премиер Албин Курти, кое победи на изборите на 9 февруари, повторно ја предложи досегашната министерка за правда Аљбуљена Хаџиу за претседател на Собранието, но, како и на претходните гласања, таа доби 57 гласа од потребните 61 во парламентот со 120 пратеници.

„Против“ гласаа 47 пратеници, а тројца беа воздржани.

– Ве молам за разбирање и за ваш придонес во деблокирање на ситуацијата, изјави поранешниот претседател на парламентот и пратеник од „Самоопределување“ Глаук Љуфтина, при објавувањето на кандидатурата на Хаџиу и нејзиното ставање на гласање.

Привремениот претседавач со парламентот Авни Дехари го прекина денешното продолжение на седницата и најави дека следното ќе се одржи на 27 април наутро.

Лидерот на Демократската партија на Косово Мемли Красниќи, изјави по шестиот неуспешен обид за избор на претседател дека, ако не се најде решение, Косово може да оди на нови избори во мај или јуни.

Според него, Курти нема доволно гласови за формирање влада, ниту за избор на претседател на Собранието.

„Или парламентот ќе се конституира, или ќе се постигне политички договор, или ќе одиме на избори. Треба да се предложи друг кандидат. Ако не излеземе од оваа состојба, ќе има избори во мај или јуни. Аљбуљена Хаџиу нема да биде изгласана“, изјави Красниќи, повикувајќи го „Самоопределување“ да предложи нов кандидат кој ќе може да добие поддршка.

Пронајдете не на следниве мрежи: