Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља најави инспекции на простории во Косово, со цел следење на почитувањето на мерките за заштита од пожари.
„По моја наредба, Агенцијата за вонредни ситуации, со поддршка на косовската полиција, веќе два дена врши контроли на деловни субјекти со висок степен на посетеност на граѓаните, со цел следење на почитувањето на мерките за заштита од пожари“, наведе Џељаљ Свечља на Фејсбук.
Тој потврди дека инспекциите веќе се извршени во Приштина и Пеќ, но и дека ќе се вршат континуирано низ Косово, објави Коссев. Свечља вели дека веќе е констатирано оти одредени деловни субјекти не го почитувале стандардот за безбедност во однос на мерките за заштита од пожари.
Им беше даден рок да ги исполнат законските услови. Тој најави дека ќе бидат преземени строги, итни и бескомпромисни мерки во случај на непочитување на безбедносните мерки во наведениот рок.
„Заштитата на животот на граѓаните е приоритет и нема да дозволиме на кој било начин да биде загрозена“, рече тој.
Најавата за увид уследи само неколку дена по големата трагедија во Македонија во градот Кочани, кога во пожар во дискотека загинаа 59 лица, а над 150 беа повредени.