Пратениците во косовското Собрание ја продолжија конститутивната седница во обид да изберат претседател на парламентот.
Седницата се одложи по петти пат бидејќи пратениците не ја изгласаа Албулена Хаџију за претседател на Собранието.
На седницата присуствуваа 117 пратеници, а на гласањето учествуваа вкупно 106 пратеници. За гласаа 57 пратеници, против 46, а воздржани се тројца пратеници, поради што не беше изгласан кандидатот предложен од Самоопределување. Тројца пратеници од Социјалдемократската иницијатива беа воздржани, додека девет пратеници од Српската листа воопшто не учествуваа на гласањето. Еден глас „за“ даде пратеникот Ветон Бериша од Египетската либерална партија, но тоа не беше доволно за да се помине потребниот праг за избор на претседател на Собранието, додека на пленарната седница не присуствуваше пратеникот на бошњачката заедница Дуда Баље. Седницата повторно беше прекината за 48 часа.
Следната седница ќе се одржи во петок. Самоопределување не отстапува од предлогот за претседател на Собранието да се избере актуелната министерка за правда Албулена Хаџију. Конститутивната седница почна на 15 април, но проблеми имаше уште на самиот старт, па пратеничките мандати не беа потврдени ниту тогаш, ниту два дена подоцна. Пратеничките мандати беа потврдени во „третото продолжение“, на 19 април.