Костадиновска-Стојчевска во Археолошкиот музеј: Силна меѓународна активност во истражувањата и публикации за заштитата на културното наследство

„Во Археолошкиот музеј на РС Македонија се постигнати завидни резултати во реализацијата на тековната програма во делот на теренските истражувања. Тимот на установата работеше на подводниот археолошки локалитет од железното време, Врбник кај Струга, кој  изобилува со движен археолошки материјал.

Костадиновска-Стојчевска во Археолошкиот музеј: Силна меѓународна активност во истражувањата и публикации за заштитата на културното наследство

Со директорката Славица Бабамова разговаравме за тековните проекти и за резултатите од истражувањата во Градиште, Неготино, на античкиот град Антигонеа, кој егзистирал од 3 век пр. н. е. Таму годинава е откриен нов дел од уличната мрежа и се продолжи со  ископување на занаетчискиот дел од градот каде што биле сместени работилници за грнчарство.

Овие проекти се работени во соработка со „EXPLO“, во кој се вклучени слични археолошки наоѓалишта од Албанија и од Грција, и со Универзитетот од Гдањск, Р Полска“, рече министерката за култура при посетата на НУ Археолошки музеј.

Директорката Бабамова информираше за степенот на реализација од активностите на доцноантичкиот археолошки локалитет Големо Градиште, с. Коњух, Кратово, каде што годинава се работеше во соработка со колеџот Гетисбург од САД. Потоа за локалитетот Стакина чешма во Валандово, каде што продолжи истражувањето на доцноантичката палата, во која покрај прекрасните мозаици годинава беше откриена и фонтана, што ја потврди оваа населба како најлуксузниот објект од периодот 4 – 5 век во нашата земја. 

Во Археолошкиот музеј се спроведени и повеќе вонпрограмски активности и се реализирани уште два меѓународни истражувачки проекта: „Ревизионо и систематско рекогносцирање на кратовско-злетовскиот крај“ во соработка со Универзитетот во Бохум, Германија, каде што се истражуваше старото рударство во овој регион, и „Погранични студии. Истражувања на идентитетските и културните контакти во пограничната област на античка Македонија“, што Музејот го реализира со Карловиот универзитет од Прага, Р  Чешка, а во соработка со НУ Завод и музеј – Охрид и Германскиот археолошки институт.

Годинава Музејот обрнува внимание на продлабочување на употребата на новите технологии во археолошките истражувања: извршени се геофизички недеструктивни истражувања на локалитетот Стакина чешма во Валандово, а е предвидена и обука на кустоси археолози за обработка на резултатите од овие истражувања во Кралството Шведска.

„Од оваа година, НУ Археолошки музеј го интензивираше публикувањето на резултатите од археолошките истражувања, активност која недостига долги години наназад, а која претставува најверодостоен репрезент во промоцијата и популаризацијата на македонското културно наследство. Во рамките на издавачката дејност, од оваа година Музејот започнува ново периодично издание, ,Aрхеолошки преглед’, кое ќе се објавува електронски на веб-страницата на установата, а ќе содржи извештаи за археолошките ископувања во претходната година, со што до стручната публика и до пошироката јавност ќе се презентираат последните сознанија за археолошките локалитети и за движното културно наследство“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Од Археолошкиот музеј најавуваат дека во интерес на посетителите и со желба за поголема посетеност, влезот во музејот е бесплатен секоја прва сабота во месецот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.