Костадинов: Темелни контроли на угостителските објекти и зајакнати безбедносни мерки во училиштата

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, изрази сочувство до семејствата на загинатите и посака брзо закрепнување на повредените, нагласувајќи дека мора да има ред и почитување на законите.

„Од длабочината на моето срце и душа уште еднаш изразувам најискрено сочувство до семејствата на загинатите, а на сите повредени им посакувам побрзо закрепнување. Ред и почитување на законските прописи мора да има!“, истакна Костадинов.

Тој најави дека општината веднаш презема конкретни мерки за зголемување на безбедноста. „Денеска одржав повеќе состаноци со директори, раководители и инспектори за преиспитување на правилниците, плановите и проценките за ризици од пожари, експлозии и други непогоди во сите училишта и градинки. Најмалку еднаш месечно ќе се прават вежби за евакуација за да се осигураме дека секое дете и секој член на персоналот знае како да реагира во итни ситуации,“ додаде тој.

Дополнително, Костадинов најави темелни контроли на сите угостителски објекти во градот. „Заедно со општинските инспектори, претставниците од Секторот за урбанизам, комунални работи и Даночното одделение, договоривме вонредна и темелна проверка на сите кафулиња и дискотеки. Ќе се проверуваат сите дозволи, решенија и согласности кои треба да ги имаат од општинските органи. Таму каде што ќе се утврдат неправилности, ќе им биде даден рок за корекција, а ако не ги исправат недостатоците, ќе бараме затворање на објектите,“ изјави тој.

Градоначалникот исто така потенцираше дека ниту еден клуб за кој Министерството за економија издало согласност, а чија намена не се совпаѓа со урбанистичките планови, нема да остане без реакција. „За ваквите случаи ќе поднесеме пријави до СВР Струмица и Пазарната инспекција, кои ќе треба да објаснат како и зошто им дале лиценци за работа.“

Костадинов потврди дека веќе потпишал наредби за итно дејствување на општинските инспекторати. „Сите заедно, со професионално извршување на нашите работни задачи и почитување на законите, можеме да создадеме безбедна заедница и живот без страв за нас и нашите деца,“ заклучи тој.

Пронајдете не на следниве мрежи: