Коцевски го побарал предметот за човекот кој ја прегази Теодора

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски побарал увид во предметот кој се води во Вишото јавно обвинителство Гостивар, со цел детално да го испита текот на постапката против Менсур Пајазити, кој смртно ја прегази и усмрти Теодора Ристовска во Тетово, објави Телма.

Првичната казна од три и пол години затвор, која ја изрече тогашната судијка Верка Костовска (сега во пензија), не била обжалена од обвинителството. Подоцна, на седница на Апелацискиот суд во март минатата година, обвинителката Вјолца Елмази го изменила својот став – наместо претходното барање да се одбие жалбата на Пајазити, предложила изрекување поблага кривична санкција. Од Обвинителството нагласуваат дека висината на казната е исклучиво во надлежност на судот.

„Пред Апелацискиот суд, јавната обвинителка од ВЈО Гостивар на рочиште дала свој предлог во однос на попрецизно одмерување на казната, имајќи ја предвид пред се околноста дека обвинетиот непосредно пред завршување на првостепената постапка признал вина, како и претходната пракса во слични предмети. Меѓутоа, предлогот на обвинителката не е задолжителен за тричлениот совет од судии во Апелацискиот суд. Тој предлог во ниту еден момент не се однесувал на намалување на казната за речиси половина од првостепената пресуда, како што досуди Апелација во својата одлука. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија веќе даде насоки и ќе го прибави предметот од Вишото јавно обвинителство Гостивар за да го разгледа во детали текот на постапката“, информира Јавно обвинителство.

Обвинителството сѐ уште го чека писменото образложение на пресудата, а според Судскиот совет, Апелацискиот суд во Гостивар можел или да ја потврди првостепената казна од две години затвор или да одлучи во корист на обвинетиот, но не и да изрече построга казна.

Пронајдете не на следниве мрежи: