Тоа се фактите, недостасуваат човечки и материјални ресурски, она што го констатирала Европската Комисија е и наше видување, изјави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, коментирајќи го Извештајот на ЕК за напредокот на земјата.
Според Коцевски, за да има успех во борбата против криминалот треба да се создадат и услови.
-Во конкретниот случај во Јавното обвинителство, тоа го истакнувам повеќе пати, работиме со јавнообвинителска служба од една третина, што значи околу 360 вработени, а ни требаат околу 1 126. И минатата 2024 и оваа 2025 и за наредната година од страна на Министерството за финансии не ни се дозволува ниту едно вработување, изјави Коцевски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Согласно Законот за јавното обвинителство, нагласи Коцевски, процентот на средствата за ЈО треба да биде 0,4 % од БДП, а сега, исто како и минатата година се предвидени 0,2 отсто.



