Кој ги уништува нашите деца? И за колку пари?

Текстот е преземен од ИРЛ, затоа што сметаме дека е мошне значајна тема која задира во епицентарот на општеството – НАШИТЕ ДЕЦА. Кој еспериментираше со нив и со каква цел прочитајте подолу:

Македонските деца никогаш не учеле од истите учебници како нивните врсници во Велика Британија.  Големата образовна реформа наречена Кембриџ програма претходно била спроведена единствено во Гана и некои села во Индија. Меѓународниот испитен центар „Кембриџ“ за ИРЛ потврди дека ниту еднаш не учествувал во развојот на учебниците во Македонија. Владата на ВМРО ДПМНЕ даде монополски статус за печатење на учебниците “по Кембриџ”, а владата на СДСМ ја продолжила програмата за која веќе знаеле дека е проблематична.  Двете влади заедно дозволиле да се одлеат 30 милиони евра државни пари за образовен експеримент во само две фирми. 

Пишува: Лила Каратешева; Редактура: Насер Селмани; Илустрација: Лука Блажев

Во 2013 година тогашната влада водена од претедателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, ќе ја најави најрадикалната образовна реформа во историјата на македонското образование. Ќе се ветат модерни образовни програми кои ќе им овозможат на македонските деца да учат од квалитетни учебници  и повеќе практична работа, или, исто како и нивните врсници во Велика Британија. Владата ќе објасни дека резултатите од новата програма се веродостојни и истата веќе се применува во 160 земји во светот.  Тогашниот министер за образование Спиро Ристовски ќе каже и дека овие учебници се употребуваат во 171 училиште во Лондон.

Кембриџ програмата ќе почне со  ветувањето дека македонските деца ќе добијат еднакви шанси во напредувањето во природните и технички науки. За да го оствари ова, владата ќе го ангажира Меѓународниот испитен центар „Кембриџ“. Оваа приватна институција, всушност, ја продава наставната програма “Кембриџ” и има обучен персонал да ја спроведе и адаптира во соработка со локалните власти, како и да ги прилагоди и подготви промените во учебниците по Кембриџ. Услугите кои што ги нудат се укинати и нивниот ангажман е единствена гаранција дека образованието се реформира по Кембриџ програма. Паралелно, тие менаџираат и со издавачката куќа Кембриџ Университи Прес којашто ги пружа услугите за адаптација на учебниците.

Во Македонија по Кембриџ учебници во основото образование почна да се учи во 2014 година. Во 2016 се најавија Кембриџ учебници и за одредени предмети во средното образование. Тогаш почнаа и првите јавни негодувања. Се повеќе наставници и стручни лица од академијата почнаа да го напаѓаат процесот на новата наставна програма и учебници. Наставниците беа незадоволни од брзањето со кое се спроведуваше програмата и од квалитетот на учебниците.

Но, учебниците се печатеа и веќе седум години македонските ученици учат природни науки од овие учебници. Учебниците ги печатат две компании: Арс Ламина и Арбериа.

Сознанијата до кои што дојде ИРЛ фрлаат ново светло врз таканаречената Кембриџ програма по којашто се печатат дел од македонските учебници.

Институт Кембриџ тврди дека никогаш не развивал учебници во Македонија затоа што Владата сакала учебници набрзина

Македонските ученици, сепак, не учеле од учебници подготовени по Кембриџ програма. Институтот бил ангажиран за развој на програмата, но кога дошол ред за учебниците, тие не биле ангажирани откако се изјасниле дека треба подолго време од само неколку месеци за да се развијат квалитетни учебници. Ова го знаела и претходната власт, а го знаела и оваа.

Претседателот на нивната партиска комисија за образсование Петар Атанасов уште во 2014 ќе ја предупреди јавноста дека програмата Кембриџ е параван за финансиски криминал во којшто се вмешани владата и две фирми. Атанасов тогаш јасно ќе артикулира дека нема проект Кембриџ во образованието, туку има бизнис скандал Кембриџ, тежок 12 милиони евра.

Според него, Кембриџ програмата била само обичен комерцијален договор помеѓу Министерството за образование и наука со една издавачка куќа од Велика Британија или фирма давател на услуги.

Овие учебници добиле ниски оценки од Стручна комисија за оценување на квалитетот на учебниците. Претседателот на таа комисија, професорот Ристо Малчески, за Истражувачката репортеска лабораторија открива дека Македонија била една од првите земји што ја примениле новата образовната програма, која до тогаш била применета само во Гана и некои села во Индија.

Малчески уверува дека куќата што ги одобрила учебниците од Кембриџ за Македонија, не била лиценцирана за одобрување на такви програми и дека тогаш како рецензентна Комисијата за учебниците по матемика претрпел огромни притисоци за да бидат одбрани учебниците од Кембриџ, кои од комисијата добиле оценка 1 или 2.

Квалитетот бил пресуден, а комисијата се одлучила да бидат избрани учебници чија оценка била меѓу три и четири. Избраните учебници биле од издавачката куќа Нелсон која за кратко време била откупена од друга издавачка куќа. Малчески тврди дека учебниците од кои се учи денес се сосема различни од оние учебници во 2014 година.

„Овие книги како да ги адаптирале луѓе кои немаат елементарни математички познавања“ тврдеше уште во 2014 година Малчески во отворено писмо до јавноста.

Сроред него, учебниците што сега се на користење во Македонија се сосема различни од оние во 2014 година.

„Учебниците се неквалитетни, а од нивниот неквалитет допрва ќе се видат последиците“-  порачува Малчески.

Од  Арс Ламина велат дека обвинувањата дека учествуваат во измамнички проект се само шпекулации кои се повторуваат со години и тврдат дека нивните учебници по математика, природни науки и хемија се базирани на оригиналните изданија од реномираните странски издавачки куќи и се целосно во согласност со наставната програма по соодветните предмети, а потврда за тоа имаат токму од Меѓународниот испитен центар Кембриџ.

 „Сите овие учебници имаат поминато низ строгиот повеќемесечен процес на одобрување од страна на оваа институција“- тврдат од Арс Ламина.

Тие објаснуваат дека учебниците што се користат во нашиот образовен систем се превод и стручна адаптација на оригиналните изданија на Оксфорд Универзити Прес во кои спаѓа и Нелсон, и Пирсон Едукејшн, кои претходно биле одобрени од страна на Меѓународниот испитен центар Кембриџ.

На обвинувањата во јавноста слично реагира и другата издавачката куќа Арбериа, од каде велат дека се работи за „лов на вештерки“ кој трае долго време. Тие тврдат дека во целата приказна нема ништо лошо, напротив создале добри учебници како резултат на многу работа и труд на тимови составени од интелектуалци, кои направиле добри преводи и адаптација.

„Ние одговоривме на потребата, успеавме да создадеме квалитетен производ“- велат од Арбериа.

И покрај тврдењето на Арс Ламина дека нивните учебници се одобрени од Меѓународниот испитен центар Кембриџ, од оваа реномирана иснтитуција за ИРЛ го тврдат сосема спротивното.

„Нашата работа во Република Македонија никогаш не вклучувала развој на учебници и ние никогаш не бевме одговорни за нивниот превод или адаптација“, велат во дописот од Меѓународниот испитен центар Кембриџ до ИРЛ.

Освен тоа, тие во 2016 година ја предупредиле владата за изборот на учебниците и за брзото воведување на програмата, која бара време за подготовка и спроведување.

Дописот од Меѓународниот испитен центар Кембриџ беше објавен од претходната министерка за образование Рената Дескоска, која спречи проширување на оваа реформа и во средното образование.

Од таму  додаваат и дека немаат никакво вклучување во спроведувањето на наставните програми во земјата уште од 2017 година и поради тоа не можат повеќе да го коментираат напредокот на програмата.

Тоа значи дека во изминатите шест години се потрошени огромни пари од буџетот за откуп на учебници, во чиј развој никогаш не бил вклучен Меѓународниот испитен центар Кембриџ.

ВМРО почна СДСМ продолжи да ги полни сметките на Арбериа и Арс Ламина

Од 2014 година, па се до сега Арбериа и Арс Ламина остануваат единствените издавачки куќи кои поседуваат ексклузивни договори за печатење и адаптација на учебници по наставната програма „Кембриџ“. За шест години во нивните сметки од Министерството за образование и наука се легнати околу 30 милони евра на име печатење на одобрените таканарачени Кембриџ учебници.

Арбериа Десигн Тетово е друштво за продукција, маркетинг, дизајн, промет и услуги.Основана е во 1998, а нејзин сопственик е Хасим Хамзаи, во чија сопственост е и фирмата МИСТЕР Х.  Според извештајот доставен до Државниот завод за ревизија, Арбериа е еден од донаторите на партијата ДУИ во 2015 година, со донација од 20.000 евра. Две третини од приходите на Арбериа доаѓаат од институциите раководени од ДУИ како што се Државниот универзитет во Тетово, Општина Тетово,  Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Секретеријатот за спроведување на рамковниот договор и др.  Нејзиниот најголем приход доаѓа од МОН. Во изминатите шест години, преводот и адаптацијата на учебници Арбериа го има наплатено 11,488,723.18 евра.

Арс Ламина ДОО Скопје е друштво за графички услуги и трговија, а основана е во 2006 година. Според документите од Централниот регистер нејзин управител е Горан Црвенковски, а сопственици се Слободан Голубовски и Дарко Фидановски. Во  нивна сопственост е и фирмата Супрема Увоз Извоз. Дел од членовите на семејството Фидановски се поврзуваат и со други фирми како АКОНТО Дооел, ФГ ауто систем Дооел и Арс Ламина Едукација Дооел. Но нивната најголема заработка доаѓа токму од печатењето и адаптацијата на „Кембриџ“ учебниците. Во последните шест години, Арс Ламина од МОН има добиено 18,456,022.25 евра.

Атанасов останува на ставот дека Кембриџот е најбезобразниот проект во образованието затоа што брошури се наплатени многу скапо. Тој смета дека секој експерт може да ја увиди разликата во пазарната цена на учебниците од 100 страни и „Кембриџ брошурките“ од по 30-тина страници кои чинат околу 800 денари.

„Нашите млади министри купија „програма“ според која печатеа и преведуваа учебници кои дебело ги наплаќаа со ексклузивни права на две обични печатници“ вели Атанасов.

Законска монополизација на бизнисот со лажни Кембриџ учебници

Книгите во нашата земја со помош на законските измени се адаптираат и печатат само од две издавачки куќи Арбериа и Арс Ламина. Овие фирми во рок од шест години заработиле 30 милиони евра државни пари.

Владата на ВМРО ДПМНЕ даде монополски статус за печатење на учебниците “по Кембриџ”, а владата на СДСМ ја продолжила програмата за која веќе знаеле дека е проблематична.  Двете влади заедно дозволиле да се одлеат 30 милиони евра државни пари за образовен експеримент во само две фирми.

Едни од клучните законски промени се оние од 2013 кога владата за странските учебници ќе дозволи само по еден учебник, наместо како дотогаш кога можело да се одобрат дури три учебници од различни издавачки куќи. Во законот експлицитно е наведено дека овие учебници мора да бидат по Кембриџ програмата, иако Кембриџ институтот никогаш не ги адаптирал книгите во Македонија поради несогласувања со нереалните визии на претходната власт која сакала учебници преку ноќ.

Промените во законот за учебници во 2013 година, до кога за одредени наставни програми биле одобрувани по три учебници, од тогаш за наставните предмети за кои се употребуваат адаптирани учебници може да биде одобрен само еден учебник, создаде мополска позиција на двете печатници на пазарот.

Ваквото законско решение, според професорот Малчески, го ограничува правото на слободни автори, а целата постапка се дава под рака само на поединци и не може да се добие здрава конкуренција.

„Учебниците се менуваат, а издавачките куќи го користат истото ексклузивно право седум години. Проблемот е незаконско стекнување на монопол“ – вели Малчески 

Од Министерството за образование и наука велат дека согласно Законот за учебници овие две издавачки куќи конкурирале и добиле одобрение за употреба на учебници по математика и природни науки.

„Согласно законот во употреба е само еден учебник за секој предмет и од тие причини секоја година се склучуваат договорите со овие две издавачки куќи“ – велат од МОН

Од компаниите велат дека се е законски. А процесот да се добие ексклузивно право за некој производ не било ни лесно, ниту пак  евтино.

„Домашна компанија се стекнува со ексклузивно право на некој производ од странска компанија преку низа барања, преговарања, проверки и други процедури“, велат од Арбериа. 

За  да се стави крај на контраверзите околу вовоедувањето на новата Кембриџ програма и учебниците во основното образование, во Министерството за образование веќе е формирана работна група, којашто развива концепт за “ целосна и суштинска промена на наставните материјали”.

„Потребата за воведување на целосно нов  наставен систем е резултат на постојните реакции од јавноста, родителите, учениците и наставниците за лошиот квалитет на учебниците“, велат од Министерството за образование за ИРЛ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.