Страшната трагедија во Кочани, во која загинаа најмалку 59 млади лица, повторно го отвори прашањето за (не)функционирањето на институциите, особено кога станува збор за безбедноста во затворени простори и употребата на пиротехнички средства. Законот за експлозивни материи јасно ги дефинира правилата за нивна употреба, но трагедијата покажува дека контролата или целосно отсуствувала, или била само формална.
Според Член 4 од Законот за промет на експлозивни материи, со продажба и употреба на експлозивни средства смеат да се занимаваат само правни лица кои добиле одобрение од Министерството за внатрешни работи. Тоа значи дека секој ресторан, ноќен клуб или организатор кој сака да користи пиротехнички средства – вклучувајќи ги и фонтаните кои биле користени во дискотеката „Пулс“ – морал да добие специјално одобрение од МВР.
Доколку ова правило било почитувано, во јавноста мора да биде објавен одговорот: Кој во дискотеката „Пулс“ добил дозвола за употреба на пиротехнички средства? Дали воопшто постои такво одобрение од МВР?
Понатаму, Член 7 од истиот закон пропишува дека со експлозивни материи можат да ракуваат само полнолетни, стручно оспособени лица. Тоа значи дека секое лице што користи пиротехника, дури и за декоративни ефекти во затворен простор, морало претходно да биде обучено, проверено и одобрено од надлежните институции.
Во случајот со Кочани, јасно е дека или ваква обука и одобрение немало, или МВР не ја спровело својата должност да го санкционира овој пропуст. Се поставуваат клучни прашања:
Дали дискотеката „Пулс“ имала одобрение од МВР за употреба на пиротехнички средства?
Дали лицето што ја активирало пиротехниката било стручно обучено и одобрено за таква активност?
Зошто МВР не спровело контрола дали се почитуваат правилата за безбедност?
Дали оваа трагедија можела да се спречи со навремена интервенција на инспекциите?
Дополнителен проблем е што овој пропуст не е изолиран случај. Во Македонија, користењето на пиротехнички ефекти во затворен простор, особено во кафулиња, дискотеки и свадбени сали, е честа појава. Според законот, ваквата практика мора да биде строго регулирана и контролирана од МВР, но трагедијата во Кочани докажува дека таа контрола или не постоела, или била целосно игнорирана.
Ако министерот Панче Тошковски тврди дека МВР вршело проверки во клубот во текот на вечерта, зошто тогаш не реагирале на присуството на малолетници и нелегалната употреба на пиротехника? Оваа катастрофа не е само последица на еден момент, туку на години системско игнорирање на законите.
МВР мора да даде јасни одговори – кој ја дозволил употребата на пиротехника, зошто не биле преземени мерки и дали оваа трагедија можела да биде спречена доколку институциите навреме си ја завршеа својата работа.
Закон за експлозивни материи или Закон за промет на експлозивни материи:
Член 4
Co промет на експлозивни материи можат да се занимаваат претпријатијата што за тоа ќе добијат одобрение од Министерството за внатрешни работи и кои, врз основа на запишување во судскиот регистар, вршат работи на промет на експлозивни материи, ако со овој закон не е поинаку определено.
Претпријатие или друго правно лице и поединци можат да ги набавуваат и употребуваат само експлозивните материи за чие пуштање во промет е издадено одобрение односно кои се наведени во Листата на експлозивни материи што можат да се пуштаат во промет.
Одобрението од ставот 1 на овој член се издава врз основа на поднесено барање.
Барањето од ставот 3 на овој член и одобрението од ставот 1 на овој член се поднесува, односно издава и во електронски облик.
Член 7
Co експлозивни материи во прометот можат да ракуваат само полнолетни лица што се стручно оспособени за ракување со тие материи.
Стручната подготовка потребна за работа на работи и задачи на кои се ракува со експлозивни материи се утврдува под условите и на начин што се предвидени со пропис што го донесува Министерството за внатрешни работи.
Лицата што не се стручно оспособени за ракување со експлозивни материи можат само да ги пренесуваат, натоваруваат, истоваруваат и да ги сместуваат тие материи во магазин или склад, и тоа ако се претходно запознаени со начинот на работа, со опасностите и со заштитните мерки при работата.
Ако работите од став 3 на овој член ги вршат лица што не се стручно оспособени за ракување со експлозивни материи, тие работи мораат да ги вршат под непосредно раководство и надзор на лице стручно оспособено за ракување со тие материи.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.