Луѓето во Кина го слават успехот на домашниот технолошки стартап „Дип сик“ (DeepSeek) и на неговиот основач откога најновиот модел на вештачката интелигенција на компанијата предизвика бурни реакции во Силициумската Долина и на „Волстрит“, пишува Си-ен-ен.
„’Дип сик’ ги урива американските акции преку ноќ“, гласи еден од популарните хаштази со десетици милиони прегледи на кинеската социјална мрежа „Веибо“. „’Дип Сик’ ја фрла ‘Мета’ во паника“, пишува друг мислејќи на американскиот технолошки гигант, кој инвестира огромни ресурси во развојот на сопствени модели со вештачка интелигенција.
Повеќе од десетина хаштази поврзани со оваа револуционерна технологија беа објавени претходно оваа недела, а „Дип сик“ се искачи на врвот на меѓународните продавници за апликации престигнувајќи ја „Чет џи-пи-ти“ на „Опен АИ“ во понеделникот.
Основачот на „Дип сик“, Лијанг Венфенг, беше поздравен како технолошки визионер, кој би можел да ѝ помогне на Кина да создаде култура на иновации способна да ѝ парира на Силициумската Долина.
Инженерот, кој стана претприемач кој ретко дава интервјуа, е познат по тоа што вработува исклучиво домашни таленти и ги одржува своите модели со вештачка интелигенција со отворен код дозволувајќи им на другите компании и корисници да ги тестираат и развиваат.
Лијанг, кој е коосновач на хеџ-фондот „Хај флаер квант“, фокусиран на вештачката интелигенција, го основа „Дип сик“ во 2023 година. Најновиот модел на компанијата, претставен на 20 јануари, речиси може да им парира на многу попознатите американски ривали.
Сепак, според компанијата, изградбата на „Дип сик Р1“ чинела помалку од 6 милиони долари, што е само дел од инвестицијата на другите конкуренти.
Познатиот технолошки инвеститор Марк Андреесен го нарече овој модел „момент на „’Спутник’“, а американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот рече дека ова е повик за будење на Америка во нејзиното технолошко ривалство со Кина.
Технолошката доминација, особено во областа на вештачката интелигенција, стана клучно бојно поле меѓу двете сили, при што САД во последните години го ограничи пристапот на кинеските компании до чипови што би можеле да го забрзаат развојот на вештачката интелигенција.
Аналитичарите истакнуваат дека се потребни повеќе информации за да се потврдат тврдењата на „Дип сик“ за трошоците за развој на нивниот модел и предупредуваат дека апликацијата работи во рамките на строгите ограничувања на говорот и информациите наметнати од кинеската влада. Ова значи дека на прашањето за масакрот на плоштадот Тјенанмен или за продемократските протести во Хонг Конг помошникот на вештачката интелигенција ќе ја одрази официјалната позиција на Пекинг – или, едноставно, ќе одбие да одговори.
Сепак, за многумина во Кина, успехот на оваа технологија – со визијата и етиката на Лијанг – претставува значителен скок напред во меѓународната конкуренција.
„Колку и да се моќни домородните луѓе, тие може да бидат соборени преку ноќ“, се вели во еден популарен коментар на „Веибо“.
„Достигнувањата на Лијанг може да се наречат национална судбина“, напиша друг корисник.
Си-ен-ен стапи во контакт со Лијанг, „Дип сик“ и „Хај флаер квант“ за коментар.
Роден во 80-тите како син на наставник во основно училиште, Лијанг пораснал во мал град во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Според кинеските државни медиуми, тој студирал информатичко и електронско инженерство на престижниот Универзитет „Жеџијанг“ во технолошкиот центар Хангжу во источна Кина.
Неговите рани деловни соработници, интервјуирани во последните денови од државното финансиско издание Yicai, го опишаа идниот основач на „Дип сик“ како малку глупак потсетувајќи се на неговите ужасни фризури од минатото.
Според истиот извор, Лијанг потоа зборувал за својата идеја да тренира големи модели со вештачка интелигенција и да ги промени правилата на игра, но никој не го сфатил сериозно. Ваквите потфати обично се сметаа за можни само за кинеските технолошки гиганти, како „Бајт денс“ или „Алибаба“.
Во 2015 година, помалку од десет години по дипломирањето, Лијанг го кооснова хеџ-фондот фокусиран на вештачката интелигенција „Хај флаер квант“, според извештаите на државните медиуми. Компанијата интегрира модели за машинско учење со вештачка интелигенција во своите операции, според информациите на нејзината веб-страница.
Во исто време компанијата ја акумулира компјутерската моќ во суперкомпјутер со вештачка интелигенција со големина на кошаркарско игралиште, со што стана една од водечките кинески фирми во однос на компјутерската моќ – и единствената што не беше технолошки гигант.
Во 2023 година, Лијанг го основа „Дип сик“ со цел да ја унапреди вештачката интелигенција и, се чини, да ја промени културата на иновациите во Кина.
„Често велиме дека има јаз од една до две години меѓу Кина и САД, но вистинскиот јаз е помеѓу оригиналноста и имитацијата. Ако тоа не се промени, Кина секогаш ќе биде следбеник“, рече Лијанг во реткото интервју за медиумите за кинескиот финансиски технолошки центар „36Kr“ во јули минатата година.
Подемот на „Дип сик“ приближно се совпаѓа со постепеното олеснување на агресивната државна репресија врз кинеските технолошки гиганти, која властите ја спроведуваа за повторно да воспостават контрола врз иновативните приватни фирми, кои во нивните очи станаа премногу моќни.
Но, Пекинг исто така придава големо значење на технолошката самодоволност, при што кинеските лидери се обврзаа во текот на изминатата година да ги зајакнат независноста и силата на земјата на полето на технологијата, особено во контекст на растечката конкуренција со Соединетите Американски Држави.
Се чини дека Лијанг мислеше на тешкотиите предизвикани од американските контроли за извоз на технологија во интервјуто за „36Kr“ минатата година велејќи дека предизвикот за неговата компанија не се парите, туку забраната за пристап до чипови со висок квалитет.
Сепак, тој изрази оптимизам за идната конкурентност на Кина.
„Кога општеството ќе им овозможи на вистинските иноватори да успеат, колективниот начин на размислување ќе се промени“. „Ни требаат само поконкретни примери и процеси“, рече Лијанг.
Компанијата, која има тимови во Пекинг и Хангжу, остана релативно мала, со речиси 140 истражувачи и инженери, според државните медиуми – значително помалку од големите фирми во Кина и САД, кои го предводат развојот на модели со вештачка интелигенција.
На официјалниот профил на „Дип сик“ стои: „Ние не правиме просечни работи. Ние ги решаваме најголемите прашања со љубопитност и визија, што допира далеку во иднината“.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK> може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.