КОЈ КОГО МРАЗИ, КОЈ ВО СУДНИЦА ИМА УЛИЧАРСКИ ГОВОР? Жестока кавга меѓу Весна Дамева и судијата Нанев

Лични обвинувања и омаловажување меѓусебно денеска си разменија претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева и судијата и поранешен претседател на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев, а за тензичното однесување фокусот беше ставен на првиот братучед на Дамева, Љупчо Грков, кој се бара со меѓународната потерница.

Дамева посочи дека е Грков е нејзин роднина, но таа поради неговото однесување не е во комуникација со него од 2017 година. Нанев изјави дека неколку години Грков му се заканувал со убиство, а не било поштедено ниту неговото семејство. Грков, кој е во Лондон е осуден на затвор од 1 година за загрозување на сигурноста на Нанев.

Во денешната одбрана пред комисијата во Судскиот совет, судијата Нанев кажа дека Весна Дамева го мрази, го дискредитира кај што ќе стигне и користи омаловажувачки вординг за него кога аплицира за унапредување.

– Манипулира за некакви мои недоличности, дека сум нарушувал некаков углед на Основниот суд Кавадарци, без да знае дека Основниот суд Кавадарци е најуспешниот суд во државата и дека стана светски познат суд. Не може да се соочи со моето си-ви од 30 страни, таа не поднесува успешни судии – рече Нанев.

Според Дамева, таа поднела барањето за одговорност на судијата Лазар Нанев, затоа што, како што наведе, за да ја дискредитира, ја обвинил за незаконито постапување и упатил сериозни критики во врска со работата, односно постапување на друг член на Советот, кој одреден период бил координатор за следење на работата на Основниот суд Кавадарци.

Судијата и по иницијативата од минатата година за разрешување поради сомневање за соработка со обвинет кој подоцна му дал ослободителна пресуда, доби нова, и тоа од претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. Таа барањето за разрешување го поднела поради два писмени поднесока до Судскиот совет во кои тој без да наведе докази, напишал навреди, омаловажувања со недостоен и уличарски говор, ја омаловажувал неа, како и друг член на Советот, ја обвинувал дека работи незаконски без тоа да го поткрепи со некаков аргумент, насочувал членови на Советот како да дискутираат и како да гласаат за негово унапредување, но и за изнесени критики против него, сакал да воведе цензура на членовите на Судскиот совет и друго.

На седницата за изнесување докази денеска во Судскиот совет на моменти толку многу викаше судијата, што Дамева се пожали и праша дали ќе стане и можеби ќе ја удри.

Нанев ја „смири“ велејќи и дека не и вика нејзе, туку затоа што 10 години работел во полиција и давал наредби, имал и таков стил на зборување.

Пронајдете не на следниве мрежи: