Софиската митрополија се дистанцираше од писмото на нејзин клирик кој изразува поддршка за епископот Партениј од Бигорски манастир, пред изборот на митрополит на Дебарско-Кичевската епархија.
Aрхимандритот Никанор од Софиската митрополија во писмо до поглаварот и до членовите на Светиот Синод на МПЦ-ОА, изразува силна поддршка за епископот Партениј од Бигорскиот манастир пред изборот на нов митрополит на Дебарско-Кичевската епархијаФотографија: BGNES
Софиската света митрополија категорично се дистанцира од секакви обиди за мешање во внатрешните работи на Православната Црква на Република Северна Македонија, се вели во „вонредното соопштение”објавено на нејзината веб-страница.
Реакцијата следи по Отвореното писмо што клирикот на Софиската епархија – архимандритот Никанор, деновиве го испратил до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и до членовите на Светиот Синод на МПЦ-ОА. Во него тој изразува силна поддршка за епископот Партениј од Бигорскиот манастир пред изборот на нов митрополит на Дебарско-Кичевската епархија.
Реакцијата на Софиската митрополија многу повеќе го сврте вниманието кон постоењето на тоа писмо, со оглед дека повеќе е објавено во бугарски, отколку во македонски медиуми. Сепак, Софиската митрополија јасно го изрази ставот за постапката на нејзиниот клирик од црногорскиот манастир „Св. св. Козма и Дамјан“, кој се наоѓа на околу 5 километри над бугарското село Гигинци во општината Брезник, област Перник.
Став на Софиската митрополија
Во реакцијата Софиската митрополија ја именува МПЦ-ОА како „Православната Црква на Република Северна Македонија“, а го користи и терминот „северномакедонски медиуми“.
„Софиската света митрополија категорично се дистанцира од секакви обиди за мешање во внатрешните работи на Православната Црква на Република Северна Македонија. Отвореното писмо, објавено во северномакедонски медиуми, потпишано со името на клирик на Софиската епархија – архимандрит Никанор (Мишков), игумен на црногорскиот манастир „Св. св. Козма и Дамјан“, на никаков начин не ја обврзува Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, напишано е и испратено без благослов и претставува недозволиво мешање во изборниот процес за митрополит и обид за вршење влијание во нашата братска помесна православна црква. Слични постапки повеќе им прилегаат на светски политички личности, отколку на духовици и монаси, од кои верниците очекуваат сосема поинакво однесување“, се вели во соопштението.
Седиштето на Светиот синод на Бугарската православна црква во СофијаФотографија: BGNES
Повеќе патриотски, отколку верски наративи
Архимандритот Никанор експресно го искоментира соопштението на Софиската митрополија.
„Јасно е дека со Црногорскиот манастир ќе се случи истото како и со Бигорскиот мансатир „Св.Јован Крстител“, ако друг седне на местото на покојниот дедо Тимотеј“, прогнозира тој.
„На Вториот Вселенски собор во Цариград, омразен од русофилите, беше декретирано дека христијаните се должни да веруваат во „една света вселенска (соборна) и апостолска црква“, т.е. како што Вистината е една, така и Црквата е една и две цркви нема. Драги браќа и сестри, БПЦ и МПЦ не се како Република Бугарија и Република Северна Македонија – две различни држави, туку се една и иста црква! Така што, јас не можам да се ‘мешам во внатрешните работи’ на МПЦ, како да е тоа нешто различно од БПЦ! Едно сме во Христа, независно кој кон која јурисдикција припаѓа! Автокефалноста е само метод на помесно административно управување внатре во едната и единствена Христова црква“, порача архимандритот.
Сепак, во писмото што го испратил до поглаворот и Светиот синод на МПЦ-ОА, фигурираат повеќе национални и патриотски наративи.
„Сведочам пред Бога, дека во многубројните мои средби со Неговото преосвештенство епископ Партениј, тој секогаш зборувал и се однесувал како македонски патриот со кристално чисто македонско национално самосознание. Тоа понекогаш водеше до расправии и несогласувања меѓу нас, бидејќи јас сум бугарски патриот – а како што знаете, бугарските и македонските патриоти имаат некои разлики… Но Христовата љубов секогаш ги покриваше сите. Од него научив дека навистина се формирал и ‘постои’, како што велите вие, македонски национален идентитет – нешто што во Бугарија сè уште се негира. Сега слушам обвиненија против владиката, дека бил „бугараш“ и едноставно не можам да им поверувам на своите уши! Јас не познавам повистински Македонец, со поголема љубов кон Македонија и македонскиот народ, од владика Партениј“, напишал архимандритот Никанор во отвореното писмо до врвот на МПЦ-ОА.
Подметната и „бугарофобија”
Иако во писмото наведува дека изборот на нов митрополит за Дебарско-Кичевската епархија е право на МПЦ-ОА да ја донесе таа одговорна одлука без надворешно влијание, а дека неговото скромно мислење изразено во писмото е необврзувачко, во писмото има и еден предупредувачки сегмент.
„Ако не го изберете епископ Партениј, туку некој друг на местото на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, делото на владика Партениј нема да биде продолжено, туку ќе биде уништено! Целата таа духовна убавина – и во Бигор, и во Рајчица, и во Кичево, и на други места, која денес благодатно го милува окото и го грее срцето, ќе помрачи! (…) Не е грев на дедо Партениј тоа што е пријател со Бугари и со Грци. Тоа е заслуга, бидејќи тој е пријател на сите луѓе и не ги дели по националност (…) Ве молам, не ја претворајте бугарофобијата – на која имате право (иако е грев) – во богоборство!“, напишал архимандритот во отвореното писмо.
Според него, со претстојниот избор на архиереј, може да и се покаже на целата православна вселена дека МПЦ- ОА е духовно зрела и заслужува целосно канонско признание од сите!
„Отфрлете ги далеку од вашите умови и срца сите ‘аргументи’ од национален, политички и геополитички карактер, и кога ќе ја донесувате одлуката за избор на нов Дебарско-Кичевски митрополит, мислете и дејствувајте единствено како Христови соработници“, повика тој.
Според извори во МПЦ-ОА, седницата за избор на нов митрополит е закажана за 12.6. и минатата недела тврдеа дека нема да има одложување. Изборот на наследник на починатиот дебарско-кичевски митрополит Тимотеј, ги разбранува верниците. Aрхиепископот Стефан го унапреди во јероѓакон и јеромонах поранешниот амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓоргевски, и го предложи за митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Тоа предизвика реакција кај приврзаниците на епископот Партениј од Бигорски манастир.