Кремљ: Бајден го има клучот за завршување на војната во Украина

Џо Бајден го има клучот за завршување на конфликтот во Украина, со насочување кон Киев, но Вашингтон досега не сакаше да го искористи, порачаа денеска од Кремљ.

„Клучот на режимот во Киев е главно во рацете на Вашингтон“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во Москва, пренесе Хина.

„Сега гледаме дека сегашниот шеф на Белата куќа… не сака да го употреби овој клуч. Напротив, тој го избира патот за натамошно ‘впумпување’ оружје во Украина“, додаде Песков.

Москва често го обвинуваше Вашингтон дека ѝ наредува на Украина и го продолжува конфликтот со снабдување на Киев со оружје.

САД, пак, потенцираат дека Русија по своја волја ја почна бруталната војна и може да ја прекине со повлекување на своите сили.

Односите меѓу двете страни се паднати на историски најниско ниво во текот на изминатата година, а САД оваа недела соопштија дека на Украина ќе ѝ испорачаат 31 напреден тенк „М1 Абрамс“ во вредност од 400 милиони долари.

Русија наведува дека секоја испорака на тенковите „Абрамс“ ќе бидат бадијала фрлени пари, бидејќи тие ќе ги „изгорат“ исто како и другите тенкови во Украина.

Пронајдете не на следниве мрежи: