Русија не ја признава надлежноста на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, изјави денеска портпаролот на Кремљ Димитриј Песков.
– Ние не го признаваме тој суд, не ја признаваме неговата јурисдикција, рече Песков, коментирајќи ги медиумските извештаи дека МКС се очекува да ги издаде своите први налози за апсење на Руси поврзани со конфликтот во Украина.
Обвинителот на МКС треба да побара од судија на претходна постапка да одобри налози за неколку Руси поради преместување на деца од Украина во Русија и таргетирање на цивилната инфраструктура.
Украина и Западот тврдат дека Русија извршила „злосторства против човештвото“ насочени кон цивили и цивилна инфраструктура, но Русија го негира тоа.
На 16 ноември 2016 година, рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за одбивање на Русија да учествува во Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг.
Русија претходно го потпиша на 13 септември 2000 година.
САД тогаш изразија жалење за одлуката на Русија да се повлече од Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Вашингтон го направи истото само 14 години претходно, а тогашниот портпарол на американскиот Стејт департмент Џон Кирби изјави дека САД го сметаат тоа за суверена одлука на секоја земја.
Во 2016 година, Русија оцени дека МКС не ги оправда надежите во него и не стана независно судско тело со авторитет.
Москва, меѓу другото, тогаш тврдеше дека Русија не може да биде рамнодушна кон ставот на Судот од август 2008 година, кога режимот на грузискиот претседател Михаил Саакашвили ја нападна Јужна Осетија, убивајќи руски мировници, но Судот ги обвини јужноосетиските сили и руските војници.
Другите земји со право на вето во Советот за безбедност, САД и Кина, како и земји како Сирија и Израел, исто така не ја признаваат јурисдикцијата на МКС.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.