Статутот има аудио формат, Брајово писмо и знаковен јазик и веќе е достапен на општинската веб страница, беше истакнато на денешната завршна конференција на проектот „Пристапна и отворена општина“, кој го реализира здружението „Хендикеп плус“, во соработка со Општина Крива Паланка и со финансиска поддршка од Бугарската помош за развој.
„На Меѓународниот ден на човекови права, 10 декември, горди сме да го промовираме статутот кој како документ во форма што можат да го користат и лицата со попреченост за првпат е направен на Балканот. Истовремено, Крива Паланка е и прва општина која има формирано Совет на заедницата со попреченост, кој веќе има поднесено неколку иницијативи до локалната самоуправа“, истакна Бранкица Димитровска, претседателка на Хендикеп плус.
На настанот присуствуваше и новиот амбасадор на Бугарија во РСМ, Жељаско Радуков, кој истакна дека обврска на општините и државите е да создаваат услови за да може да се искористи капацитетот на лицата со попреченост.
„Само со соработка и заедничка акција можат да се направат системски промени во заедниците за достојно место на лицата со попреченост. Ние ги поддржуваме ваквите иницијативи и се надевам дека и во иднина ќе соработуваме“, подвлече Радуков.
Целта на проектот „Пристапна и отворена општина“ (Ништо за нас-Без вас“) е да се обезбедат социјални промени иницирани од лицата со попреченост за потранспарентно, одговорно и инклузивно владеење на правото.