Инспектори за животна средина на Град Скопје фатиле жител на Општина Бутел, како исфрла големи количини отпад на територијата на општина Карпош, во близина на Визбегово.
Против него ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување опасност за животот и здравјето на луѓето, како и за значително загадување на воздухот, водата и почвата.
Ова дело е казниво со затвор од четири до десет години.
Инспекторите го затекнале лицето во моментот на создавање дива депонија и палење на отпад.
Град Скопје информираше дека годинава поднел неколку кривични пријави за слични случаи, вклучувајќи исфрлање на опасен и канцероген отпад.
Од таму истакнуваат дека во текот на викендот санкционирале над 20 лица за слични прекршоци, нагласувајќи дека само Градот реагира на ваквите ситуации, додека другите институции не постапуваат според законската обврска.
Градските власти апелираат до Владата за сериозно пристапување кон проблемот со нелегално исфрлање отпад и за активирање на останатите надлежни институции за подобро контролирање на ситуацијата.