Продолжи распитот на првоосомничениот Љупчо Палевски, на судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, извршени во ноември 2023 година. Со своето сведочење пред судот, Палевски со свои докази се обидува да докаже и да го увери судот дека Обвинителството ги местело доказите против него и дека тие се лажни.
Во сведочењето истакна дека „криминалниот ум би ја убил Зорица Ѓорчевска (мајката), а не Вања Ѓорчевска“. Смета дека обвинителите се наивни и ја лажат јавноста брифирани од шефот на ОЈО, Гаврил Бубевски.
„Класичен криминален ум ако е во релација со таткото кој веќе го поседува станот во зградата „Фонтана“ и е законски наследник, криминалниот ум би ја убил Зорица, а не Вања Ѓорчевска затоа што целокупниот имот на тоа семејство, заедно со депозитот од 30.000 евра во банка и новото возило ќе прејдат во владение и 50 проценти сопственост на законскиот старател Александар“, рече Палевски.
Според него, доказите во истрагата против него се фалсификати.
„Фалсификатите во оваа истрага се очигледни, а во овој случај на Ерол Османи, грешката која ја направило ОЈО е што прво го сослушала Ерол Османи, му зела изјава, напишала обвинение со лажна изјава со која се негира 22.11.2024 како критичен ден, моето тврдење дека на тој ден е правен сервисот, а вештачењето на телефонот е направено многу подоцна по моето доаѓање и екстрадиција од Република Турција, тоа е грешката со која јас го докажав овој лажен исказ“, кажа Палевски.
Прашан дали го познава Панче Жежовски, одговори негативно. Негираше каква било поврзаност со сега починатиот, нагласувајќи дека никогаш немал контакт со него, ниту директно ниту индиректно.
На почетокот на судењето во октомври, мајката Зорица рече дека во нејзина сопственост има станови во Капиштец и во Аеродром, како и мал стан во Охрид, кои ги наследила од нејзините родители. Додаде дека имала стан од 80 квадрати на улица „Бојмија“ во Скопје, кој го продала за 83.000 евра. Со парите затворила минуси на картички и си купила возило, дел од парите ги орочила и реновирала друг стан.
Зорица рече дека ѝ било познато дека зградата на „Наум Наумовски Борче“ била во сопственост на фирмата „Упа ентерпрајз“.