Кругот на непријатели околу Русија се зголемува: Путин е фрустриран затоа што го губи влијанието на Балканот

Откако Грција, земја која што има традиционално блиски односи со Русија, минатиот месец протера двајца руски дипломати поради обид за саботажа на договорот со Македонија, стана јасно дека Путин го губи влијанието на Балканот.
Со проширувањето на Европската унија и Северноатлантскиот сојуз на Балканот, Русија се повеќе се истиснува од регионот. На властите од Москва ќе им биде тешко да се справат со тоа и да ја свртат ситуацијата во своја полза, велат за “Bloomberg” луѓе кои што се запознаени со руската политика на Балканот.
„Членството во НАТО е лошо за нас“, изјави Леонид Решетников, поранешен шеф на руската разузнавачка служба кој што работел како агент во Грција и на други места на Балканот.
Според него, Русија не може многу да промени, затоа што Западот активно ја чисти територијата од влијанието на своите ривали. Историските и културните врски на Русија и Балканот го направија овој регион наклонет кон едно про-руско расположение, меѓутоа балканските земји сега се вртат кон Западот.
Намалувањето на геополитичкиот досег на Русија претставува историски удар за Путин, иако навидум изгледа дека рускиот претседател наметна некакво влијание на неговата држава со интервенцијата во Сирија и мешањето во американската политика.


„Русија сега изгледа премногу пасивно. Потребен ѝ е план за акција“, изјави контроверзниот Александар Дугин, руски националист и советник на Кремљ кој што ја промовира визијата за руска доминација ширум Европа и Евроазија, без притоа да ја согледа реалната ситуација и желбата на народите на Балканот нивните земји да бидат сојузници со Западот.
Русија се обидува да го уништи македонско-грчкиот договор за да спречи влегување на Македонија во НАТО Алијансата
Грција ги протера руските дипломати затоа што подмитувале високи функционери да го блокираат договорот кој што го решава деценискиот спор за името на нашето земја, договор кој што овозможува членство на нашата земја во НАТО Алијансата.
Грција е целосно одлучна да го ратификува договорот, изјави Костас Дузинас, член на владеачката партија „Сириза“ и шеф на парламентарната комисија за одбрана и надворешни работи: „Ако Русите и натаму се обидуваат да го сопрат тоа, нашата реакција ќе биде силна“.
Дури и партијата на про-руските „Независни Грци“, млад коалициски партнер на владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас ја обвинува Москва за мешање, иако партијата дефакто е против договорот помеѓу Скопје и Атина.


„После информациите од прва рака дека дошло мешање на Русија во грчките прашања, од клучно значење е да се заштити националниот суверенитет на Грција“, изјави потпретседателот на партијата, Панос Сгоуридис.
Во Македонија е закажан референдум на 30-ти септември на кој што граѓаните ќе го дадат својот збор за договорот со Грција, а треба да се истакне дека македонските власти неодамна обвинија про-руски грчки бизнисмени, дека финансираат лица во Македонија за организирање на протести против договорот.


Минатиот месец беше откриено и наведено во документи на Министерството за внатрешни работи на Македонија дека грчко-рускиот милијардер Иван Савидис им платил 300 илјади евра на противниците на договорот. Сепак, дури и на Русите веќе им е јасно дека Македонија, исто како неодамна што беше случај со Црна Гора, ќе стане дел од НАТО.
„Поранешната југословенска република ќе стане дел од НАТО Алијансата. Кругот на непријатели се зајакнува околу Русија“, изјави Франц Клинчевиќ, член на комитетот за одбрана и безбедност при горниот дом на рускиот парламент.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.