Компирот е прилично сестрана намирница и може да се користи за подготовка на различни јадења.
Авторката на рецептот вели дека ова јадење ќе му се допадне на целото семејство, поради комбинацијата на крцкавата кора и топеното сирење внатре.
„Ова изненадувачки едноставно јадење се подготвува брзо и лесно. Сигурно веќе ги имате сите состојки во кујната“, стои во описот на видеото на Јутјуб.
Потребни состојки:
– 500 гр. компири
– 1 лажичка сол
– 5 лажици брашно (+ дополнителни 125 гр.)
– кашкавал
– презла
– 2 јајца
– 90 мл. млеко
Начин на подготовка:
Излупете ги компирите и исечкајте ги на коцки. Ставете ги во зовриена вода да се варат, а потоа процедете и изгмечете ги додека се уште топли.
Во изгмечените компири додадете една лажичка сол и 5 лажици брашно и добро измешајте.
Во друг сад изматете ги двете јајца со малку сол, а потоа додајте 90 мл. млеко и 125 гр. брашно и мешајте додека не добиете хомогена смеса.
Од смесата со компир формирајте топчиња, па во средина ставете едно парче кашкавал. Топчињата оставете ги во фрижидер да се стегнат околу половина час, а потоа извалкајте ги во смесата со јајца, па во презла и пржете ги во загреано масло од 3 до 5 минути.