Во ексклузивно интервју од Хавана, кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел изјави дека нема оправдување за американската воена агресија врз Куба, но исто така нагласи дека земјата е подготвена да се бори и да прави жртви за да се одбрани.
Во опширно интервју за NBC News во емисијата „Meet the Press“ што ја водеше во Хавана модераторката Кристен Велкер, Мигел Дијаз-Канел ја отфрли потребата од промени во кубанскиот политички систем и покрај притисокот од администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Тој истакна дека „нема оправдување Соединетите Американски Држави да започнат воена агресија против Куба“ и предупреди дека секоја инвазија би имала последици по безбедноста на неговата земја, Соединетите Американски Држави и целиот регион.
„Инвазијата на Куба би имала своја цена. Тоа би влијаело на безбедноста на Куба, САД и регионот. Ако тоа се случи, ќе има борби и ќе има конфликти, ние ќе се браниме, а ако треба да умреме, ќе умреме, бидејќи како што вели нашата химна, „Да се умре за татковината е да се живее““, рече Дијаз-Канел.
На прашањето на Кристен Велкер дали е подготвен да одговори на „клучните барања“ од САД, вклучувајќи го ослободувањето на политичките затвореници, распишувањето повеќепартиски избори и признавањето на синдикатите и слободните медиуми, Дијаз-Канел рече дека Куба не добила такви барања и дека прашањата што се однесуваат на политичкиот систем и уставниот поредок „не се предмет на преговори со САД“.
Од друга страна, Дијаз-Канел не се обврза на ослободување на затворениците и негираше дека станува збор за политички случаи, тврдејќи дека има луѓе во земјата кои не се за револуцијата и „се изразуваат секој ден“ без да бидат затворени за тоа.
„Оваа приказна што е создадена, оваа слика дека секое лице што ќе проговори против револуцијата веднаш е фрлено во затвор, е голема лага, клевета и дел од конструкција што има за цел да го оцрни и уништи угледот на кубанската револуција“, рече Дијаз-Канел.
Објаснувајќи ја тешката состојба во земјата, Дијаз-Канел постојано го обвинуваше 67-годишното економско ембарго на САД за проблеми како што се кризата со електрична енергија, недостигот и широко распространетата сиромаштија. Тој потсети дека ембаргото беше воведено во 1962 година откако Фидел Кастро ги национализираше американските компании и имот по револуцијата во 1959 година.
The post Кубанскиот претседател им порача на Американците: Сите ќе умреме за да ја одбраниме нашата земја appeared first on Во Центар.



