Поранешниот претседател на Владата Димитар Ковачевски се наоѓа во земјава, впрочем тој вчера имаше изјава во Собрание од неговото работно место, изјави за МИА портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Богданка Кузеска.
Вели направена е конфузија во јавноста дека кривичната пријава против екс премиерот Ковачевски е поврзана со предметот против поранешниот вицепремиер на Владата Артан Груби, кој во моментов е во бегство.
Според информациите со кои располага, Кузеска рече дека сѐ уште не е отворен предмет, туку поднесена е само кривична пријава која треба да се процесуира и дополнително да се истражува.
– Сакам да изразам разочарување за тоа каква конфузија е направена во јавноста. Имено, за екс премиерот Димитар Ковачевски кој беше посочен во дел од медиумите, Јавното обвинителство сѐ уште нема отворено предмет. Според она што го дознаваме досега од Јавното обвинителство е дека немаме постапка, туку само кривична пријава која допрва треба да се процесуира и секако да се истражува. Она што го знаеме од Јавното обвинителство, станува збор за тотално друг период, станува збор за друг случај којшто не е поврзан со случајот којшто беше актуелен поврзан со екс вицепремиерот на Влада, рече Кузеска.
Ковачевски во врска со поднесената кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи за „злоупотреба на службената положба и овластување“, во која се опфатени осум лица, вчера во законодавниот дом изјави дека во целото негово работење и како премиер и како заменик-министер за финансии, се водел согласно законите и изрази надеж дека институциите ќе го водат процесот на непристрасен и професионален начин.
Во кривичната пријава МВР наведува дека на владина седница одржана на Денот на жените пред две години кога било одлучено да се формира фирмата Нова државна Видео Лотарија, екс премиерот овозможил одговорните лица во таа фирма, противзаконски да заработат околу 140.000 евра.
– Третопријавениот Д.К., како претседател на Владата на Република Северна Македонија, по претходен договор со првопријавениот П.Б., на 08.03.2022 година ја ставил на дневен ред и усвоил постапка за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека материјалите не се разгледуваат на седница согласно Деловодникот за работа на Владата (член 68 став 1), соопшти МВР.