Косовскиот премиер Албин Курти денеска учествуваше на дискусија организирана од Центарот за европски политички студии (ЦЕПС), во соработка со Амбасадата на Косово во Брисел, на тема „Патот на Косово кон ЕУ: Зајакнување на демократијата, безбедноста и економскиот раст“, каде што рече дека Косово нема план Б за членство во ЕУ.
Курти во воведниот говор истакна дека Косово се наоѓа во уникатен геополитички момент и дека и покрај предизвиците останува доследен на својата стратешка цел: членство во Европската унија и НАТО.
„Косово е најнапредната демократија на Западен Балкан и доследен промотор на европските вредности. Нашата посветеност на европската интеграција е посилна од кога било“, рече меѓу другото Курти.
Тој потсети на конкретниот напредок во последните три години, вклучително и поднесувањето барања за членство во ЕУ во декември 2022 година и укинувањето на визниот режим за граѓаните на Косово од 1 јануари 2024 година. Сепак, тој нагласи дека процесот на проширување на ЕУ останува бавен, бирократизиран и непредвидлив.
„Европската унија мора да докаже дека го гледа Западен Балкан како дел од својата иднина“, рече Курти, додавајќи дека е време да се иницираат конкретни чекори – вклучително и испраќање Прашалник до Косово и давање мислење за кандидатскиот статус врз основа на заслуги.
Курти изјави дека Косово во последните четири години постигна значителен економски раст, ја намали невработеноста на 11 отсто, официјализираше илјадници нови работни места и двојно го зголеми извозот. Тој ги истакна и реформите во борбата против корупцијата, владеењето на правото и подобрувањето на деловното опкружување.
Тој рече дека Косово е целосно усогласено со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи го и воведувањето санкции против Русија и Белорусија и испраќањето помош за Украина.
„Европската унија мора да покаже политичка волја и одлучност. Време е процесот на проширување да се направи стратешки и заснован на заслуги“, заклучи Курти, нагласувајќи дека Косово нема план Б – само европска иднина.