65-годишна жена е трета жртва на иста измама во Куманово во последните два дена.
Според полицијата, таа останала без 30.000 евра откако му поверувала на измамник дека нејзината ќерка прегазила дете, а тој се понудил да ѝ помогне да не одговара, нудејќи ѝ за тоа да плати 30.000 евра.
„Лицето ѝ се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник ја известило дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна незгода во која прегазила дете-мигрант и ќе треба да плати одредена сума на пари за да не ја гонат кривично.
Таа ги однела парите на договореното место, а подоцна се слушнала со нејзината ќерка и сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти полицијата.
И вчера биле пријавени две измами и еден обид за измама од тројца пензионеери. Со истата приказна изманикот успејал да дојде до 250.000 денари. Во текот на целата 2024 година, во Куманово биле регистрирани две вакви измами со сообраќајни несреќи.
Од полицијата апелираат на претпазливост, а особено од повозрасните лица кога им се јавуваат непознати, да не наседнуваат на лажни услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.