Лажните Европјани го искинаа европското знаменце, злоупотребувајќи го за носење закони

„Политиката во земјата е далку од европска и од демократска. Многу е лесно да велите дека се чувствувате како Европјани. Еден од кандидатите дури и на билбордот си напиша европски претседател. Прв пат слушам за таква институција. Тоа е за мене арогантно“, рече претседателската кандидатка

Кандидатаката за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова на денешниот предизборен митинг во Куманово /
ФОТО: Фејсбук-профил на Силјановска-Давкова

Кандидатаката за претседател на државата, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова денеска, од предизборниот митинг во Куманово, ги обвини политичките противници од власта дека се, како што рече, лажни Европјани.

„Изминатите четири години како пратеничка сум гледала многу ситуации кога со 61 глас, договорени, си изгласуваа неуставни закони, штетни закони и тоа најчесто по скратена постапка и со злоупотреба на европското знаме. Замислете ги лажниве Европјани, го искинаа европското знаме злоупотребувајќи го. Зошто? Бидејќи брзата постапка им овозможува брзо да ги реализираат ветените привилегии за групи и поединци. Тоа нема ништо заедничко со ЕУ, тоа е злоупотреба. А, претседателот секогаш кога законите се носеа по скратена наместо по редовна постапка стануваше соучесник“,

рече Силјановска-Давкова.

Говорејќи за политиката во земјата рече дека таа е далеку од европска и од демократска.

„Политиката во земјата е далку од европска и од демократска. Многу е лесно да велите дека се чувствувате како Европјани. Еден од кандидатите дури и на билбордот си напиша: европски претседател. Прв пат слушам за таква институција. Тоа е за мене арогантно“,

додаде таа.

Силјановска-Давкова, во обраќањето пред кумановци, презентираше дел од нејзината програма и заложбите на кои ќе работи доколку стане претседателка.

Повтори дека ќе се залага за поголемо учество на жените во политиката и оти најдобрите врз основа на компетентност ќе ги промовира на најодговорни позиции.

Според неа, треба да се продолжи со регрутирање на дипломатите од редот на оние кои се дипломати од кариера, а доколку тие не ја претставуваат Македонија како што заслужува, Силјановска-Давкова рече дека во тој случај треба да се вратат дома.

Дел од ветувањата беа и дека во Судскиот совет, но и во Уставниот суд, ќе предложи врвни правници кои се почитувани во својата фела, а не тоа да бидат партиски активисти.

Силјановска Давкова изрази задоволство што на партиските листи има млади кандидати за пратеници и им порача на младите дека сами треба да ја земат судбината во нивните раце.

„Можете да бидете успешни и надвор, ама не како дома. Резулатите ќе ве направат горди, ќе не направат нас горди и ќе направат Македонија горда. Вие ќе учите како да управувате со својата држава“,

додаде таа.

Таа најави и формирање на Совет за соработка со дијаспората бидејќи, како што рече, таму има врвни научници, врвни бизнисмени, врвни писатели, културни работници.

„Имам намера, бидејќи верувам дека македонскиот јазик е нашата татковина, да формираме семинари преку лето во кои ќе доаѓаат децата на нашите исселеници. Контактите со татковината се најважни. Така и децата ќе знаат дека и нивните татковци и тие имаат една татковина. Ако е тоа јазикот, тогаш полесно ќе се разбираме“,

додаде Силјановска – Давкова.

Претседателската кандидатка Силјановска-Давкова рече дека таа ќе се залага за единство, а тоа им го порача да го прават и противкандидатите од власта.

„Не оди надвор додека дома не изградиш единство. Не оди надвор додека не се утврдат вистинските интереси. Не оди надвор доколку не можеш да се повикаш на граѓаните и на пратеничкото единство. Јас по него ќе трагам“,

рече Силјановска-Давкова од митингот во Куманово.

Пронајдете не на следниве мрежи: