Левица: Пукна шемата на ЗНАМ во Пробиштип – кривична пријава за милионска злоупотреба

Пред една година Левица јавно укажа на сериозни сомнежи за злоупотреба на програмите за самовработување во Агенцијата за вработување во Пробиштип, раководен од Илија Петковски – Џани, воедно и претседател на локалната организација на ЗНАМ, велат од партијата Левица и нагласуваат дека власта сега  потврдила дека нивните предупредувања не се само политички обвинувања.
„Тогаш објавените податоци разоткрија дека средствата наменети за поддршка на невработени лица од ромската заедница се распределувале спротивно на условите од јавниот повик, преку лица кои не припаѓале на целната група. Наместо надлежните органи веднаш да извршат темелна проверка, следуваше институционален молк и политичко избегнување на одговорноста.
Денес, станува јасно дека предупредувањата на Левица не биле само политички обвинувања, туку основано барање за заштита на јавните средства.
Кривичната пријава опфаќа четири правни и пет физички лица, меѓу кои и тогашниот раководител на Агенцијата за вработување во Пробиштип. Тие се осомничени за кривични дела поврзани со злоупотреба на јавен повик, злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари, при што на Буџетот на Агенцијата за вработување му била причинета штета од 3.520.000 денари.
Сомнежите се однесуваат на незаконско доделување неповратна финансиска помош преку вработување лица кои не биле припадници на целната група и кои претходно имале работен стаж, а кој, според кривичната пријава, бил незаконски избришан од евиденцијата на Агенцијата.
Доколку овие наводи бидат потврдени во судска постапка, нема да станува збор само за финансиска злоупотреба, туку за свесно изигрување на една социјална мерка создадена за економска поддршка на маргинализирани граѓани. Јавната функција во таков случај била ставена во служба на приватни и партиски интереси, а ранливата категорија искористена како формално покритие за противправно прибавување средства.
Левица бара Јавното обвинителство да спроведе сеопфатна финансиска и службена истрага, која нема да се ограничи само на последниот јавен повик. Неопходно е да се проверат сите доделени грантови, сите интервенции во евиденцијата на невработени лица, поврзаноста меѓу пријавените правни субјекти и целокупното работење на Агенцијата за вработување во Пробиштип во периодот кога со него раководел Илија Петковски. Но, бараме да се утврди и дали Илија Петковски на овој начин ја финансирал ЗНАМ.
Мора да се утврди кој ги одобрувал исплатите, кој овозможил промена на службените податоци, каде завршиле средствата и дали постоела поширока мрежа на политичко и институционално покровителство.
Уште еднаш апелираме до Обвинителството подлабоко да ги истражат сите договори склучени за мерките за вработување во Пробиштип, бидејќи злоупотребените финансиски средства се над 200.000 евра.
Кривичната пријава е само почеток. Јавноста очекува обвинителска постапка, судска разрешница, враќање на противправно стекнатите средства и индивидуална одговорност за секое лице што учествувало во злоупотребата“, соопшти Левица.

Пронајдете не на следниве мрежи: