Левица: Фамозното „тефтерче” со партиски судии повторно во рацете на ВМРО-ДПМНЕ

По СДСМ, и Левица реагираше на изборот на новите членови во Судскиот совет. Како што велат од опозициската партија, Данка Ристова е избрана за член на местото на Лорета Ѓорѓиева од Струмица, за која во јавноста гласно се говореше дека е од „тефтерчето“ на Заев, со што, како што додаваат од партијата, фамозното „тефтерче” за избор на подобни партиски судии повторно премина во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Левица, оваа одлука го демонстрира истиот шаблон на поставување партиски кадри во клучните правосудни тела, а со цел цементирање на политичката контрола и обезбедување на комоција во криминалното владеење.

-Левица ја предупредува јавноста дека МИЦКОВИЗМОТ не само што ќе го наследи, туку и ќе го надгради ЗАЕВИЗМОТ. Она што го критикуваше, Мицкоски сега совршено го копира, дополнувајќи го со нови механизми за зацврстување на партиската контрола врз правосудството и државните институции. Ова не е промена, туку продлабочување на истиот гнил систем којшто ја задушува Македонија и ја урива довербата на граѓаните, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.

Судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип се нови членови на Судскиот совет, соопшти завчера претседателот на Комисијата за спроведување на избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите, Субхи Јакупи, соопштувајќи ги прелиминарните резултати од денешните избори кои се одвиваа од 8 до 15 часот во изборните места во сите судови ширум земјава.

Од СДСМ искажаа загриженост поради ваквата одлука. Порачаа дека ова се партиски инсталации во судството и потенцираат дека партијата на власт истото го правеше и порано.

-Наместо реформи гледаме бртална партизација на судството, би рекла дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси, кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.

Од ВМРО-ДПМНЕ негираат дека ќе има влијанија во Судскиот совет. Велат дека обвинувањата дека градоначалник на мала општина како Радовиш има било каква моќ или влијание врз процеси од национален карактер, како што е изборот на членови на Судскиот совет, се апсурдни и далеку од реалноста, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ откако Ристова воедно е и сопруга на актуелниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ од Радовиш, Ацо Ристов.

Од партијата на Христијан Мицкоски се децидни дека Ристова е докажан професионалец и повеќе од 30 години е во правосудството и дека е избрана со мнозинство гласови на непосредни избори, каде гласале судиите од Штипското Апелационо подрачје, вклучително и Струмица и околината.

Пронајдете не на следниве мрежи: