ЛЕВИЧАРЕЊЕ, ДЕСНИЧАРЕЊЕ И ЗБУДАЛУВАЊЕ. Според некои проценки, Троцки левичарот, заедно со Камењев и Зиновјев (Григориј, а не Александар Зиновјев) ја имал таа среќа што ја загубил борбата со десничарот Сталин, бидејќи со своето владеење ќе бил полош и од другарот Сталин. Според други толкувања, Троцки, заедно со Камењев и Зиновјев, не ја сочинувале левицата, туку десницата, за разлика од левичарот Сталин. Меѓутоа, сеедно дали Троцки бил левичар или десничар имал с р е ќ а, зашто ако победел во историјата ќе останел како полош и од другарот Сталин.
Во прилог на ова, помеѓу другото, говори гушењето на бунтот на морнарите во Кронштад, под раководство на маршалот Тухачевски и комесарот за одбрана, другарот Лав Троцки. Според ова толкување, иронијата е во тоа што (евентуалниот) победник Троцки би бил полош од (евентуалниот) губитник Сталин, бидејќи и обајцате растеле и се изгнездиле од исто гнездо.
Некои, можеби, ќе прашаат каква е врската меѓу сегашнава ситуација со Октомвриската револуција. Заедничко им е тоа што и денес, како и тогаш, се случува своевидна револуција/контрареволуција. Додека таа се случува, народот пропаѓа.