Лекарската комора го осуди инцидентот во болницата во Тетово, итно ќе се испита случајот

Лекарската комора најостро го осудува инцидентот кој се случи во болницата во Тетово во кој видео снимка од пациенти е објавена на социјалните медиуми.

Лекарската комора го осуди инцидентот во болницата во Тетово, итно ќе се испита случајот

„Барањето за почитување на сопствените права, тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки“, велат од Лекарската комора.

Со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите, како што појаснуваат од таму, се обврзуваат дека професија ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба.

Потенцираат дека Лекарската комора како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата, како дејност од посебен општествен интерес.

„Лекарската комора нема да дозволи ваквите изолирани инциденти да бидат на товар на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат и лекуваат пациенти“, се наведува во соопштението.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.