Лидерската средба на Заев и Мицкоски заврши, судбината на СЈО остана неизвесна

И по седум часа преговори во Собранието средбата меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заврши без тие да најдат решение за Законот за јавно обвинителство. Останува неизвесна судбината на Специјалното јавно обвинителство и на предметите што ги отвори ова обвинителство.
Клучните разлики помеѓу власта и опозицијата остануваат во однос на Законот за ЈО како и за иднината на СЈО. Покрај ова власта понудила формирање на ново обвинителство на чие чело ќе биде Вилма Рускоска, предлог кој беше даден и како замена на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Според извори од преговарачкиот тим на власта, ВМРО-ДПМНЕ инсистирале со закон да се укинат предметите на СЈО отворени по 30 јуни 2017 година. Власта, како што велат, понудила да се формира ново обвинителство за висока корупција на чие чело ќе биде јавен обвинител предложен од опозицијата, а поддржан од 61 пратеник, кој ќе може да покренува предмети доколку се утврди дека има криминал и во власта. Опозицијата барала кај него да бидат префрлени и предметите од првите 18 месеци отворни од СЈо барајќи можност за нивно застарување, одолговлекување и оневозможување на нивните судски заршници.
Од средбата се очекуваше решение за Законот за ЈО кој треба да се донесе најдоцна до 15 септември со двотретинско мнозинство во Парламентот. Законот е во собраниска процедура и е почната амандманската расправа за него.
До 15 септември завршува и мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која во моментот е во притвор како осомничена во случајот “Рекет“. Јанева со известување од затворот даде овластување сите предмети од СЈО да преминат во Јавното обвинителство. Оттаму денеска потврдија дека испратиле допис до СЈО за преземање на предметите.
Револтирани поради тоа што во текот на средбата отсуствувал брифингот, а никој и не знаел кога лидерската средба ќе заврши новинарите и снимателите во два часот ја напуштија средбата во Собранието.
Не е познато дали во следниов период повторно ќе има средби меѓу преговарачките тимови.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.