Лиле Стефанова: Јас не сум експерт за криминал туку против криминал, за се прашајте ја Катица (ВИДЕО)

Специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова утрово се појави во Кривичниот суд каде денеска се одржува рочиштето за случајот „Титаник“, а обвинението го застапува токму таа.
На новинарско прашање, дали е правилна процедурата обвинител да контактира со осомничен, како што тоа го направи Катица Јанева со Орце Камчев и на тој начин да го убедува да стане сведок во други истраги, Стефанова одговори дека не е експерт за криминал. Воедно на прашањето дали ја изневериле јавноста, обвинителката одговори дека за се ќе мора да ја прашаме нејзината шефица во заминување Катица Јанева, пренесува ТВ 21.
Откако италијанскиот весник „Ла Верита“ објави аудио снимка, на која тврди дека се слуша гласот на Јанева, реагираше и самата специјална обвинителка. Таа не негираше дека тоа е нејзиниот глас туку изјави дека разговарала со лицето О.К., со цел да го убеди да стане соработник во други истраги. Јанева во писмената изјава тврдеше дека комуницирала и со други осомничени во други случаи со цел да ја подобри, како што вели таа, позицијата на обвинителите во истрагите.
Лиле Стефанова беше прва која даде исказ во Обвинителството за организиран криминал како сведок за случајот „Рекет“. Исказ денеска треба да даде и обвинителот од СЈО Бурим Рустеми. Според информациите Катица Јанева во вторник ќе се соочи со обвинителката Вилма Рускоска која постапува по случајот „Рекет“.
Засега во овој случај осомничени се само Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец. И двајцата добија нов 30-дневен притвор во затворот во Шутка.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.

mk_MK
mk_MK