Екс-министерот за правда, Кренар Лога со свој став за реформите во правосудството кои се едни од најзначајните за нашиот европски пат. Лога смета дека вниманието треба да се насочи во Врховниот суд.
„Доколку Владата, премиерот Мицкоски и ВМРО навистина се определени за суштинска и кредибилна реформа на судскиот систем во државата, тогаш фокусот неминовно треба да биде насочен токму кон местото, каде во најголем обем, треба да се бараат корумпирани и нечесни судии. Адресата е Врховниот суд на Република Северна Македонија.
Од укинати пресуди, повторени судења, не само за нивно застарување, туку и за сомнителни финансиски “договори”; перфидната манипулација со системот АКМИС (систем за автоматско управување со судски предмети); па сè до милионските штети што државата ги губи пред Судот во Стразбур (ЕСЧП), и многу други злоупотреби“, објави Лога.
Во контекст на реформите, пред неколку дена, министерот за правда Игор Филков изјави дека поради отсуството на СДСМ, беше одложена четвртата седница на Работната група за реформи во изборното законодавство. Филков обвинува дека реформите се држат во заложништво на тесно партиските интереси на опозиционерите, а европската иднина на граѓаните е во неизвесност.
Брисел одбил да ги исплати очекуваните 6,4 милиони евра предвидени во Реформската агенда за носење на нов Закон за судскиот совет затоа што власта побрза да го донесе пред текстот да добие зелено светло од Европската комисија. Од ЕК сметаат дека одредени препораки од Оценската мисија на ЕУ од 2023 година не се земени во предвид при носењето на новиот закон во декември 2025 година.



