Поранешниот министер за правда Кренар Лога преку објава на социјалните мрежи изрази јавна благодарност до епископот Антаниски, г. Партениј, за, како што наведува, историскиот чин на одржување православна литургија и благослов на водите на албански јазик.
Според Лога, овој настан има особено значење за православните Албанци од регионот Горна Река, но и пошироко низ Македонија, кои за првпат доживеале верски обред од ваков карактер на својот мајчин јазик. Тој истакнува дека ваквиот чин кај верниците разбудил длабоко чувство на човечност, почит и духовна припадност.„Ова е момент што долго ќе се памети. За првпат во нашата држава, православна литургија и благослов на водите се одржаа на албански јазик, што за многумина значи признание, достоинство и духовна блискост“, наведува Лога во својата објава.Тој додава дека реализацијата на овој, како што го нарекува, значаен и симболичен настан не би била можна без поддршката на амбасадорот Н.Е. Меидани, како и без отвореноста и визијата на епископот Партениј.
„Можеби за некого ова изгледа како мал чекор, но токму ваквите дела го прават општеството подобро, а Македонија поправедна и попријатна за сите“, пишува Лога, потенцирајќи ја пошироката општествена вредност на настанот.
Во објавата, поранешниот министер потсетува дека македонскиот народ добро ја разбира болката од историското негирање на мајчиниот јазик, како и важноста на црковната самостојност и литургијата како столбови на идентитетот. Токму поради тоа, нагласува тој, ваквите гестови на толеранција, разбирање и инклузивност се вистинскиот пат кон изградба на достоинствено и издигнато општество – и пред граѓаните и пред Бога.
На крајот од својата порака, Лога упати честитка до сите православни верници, порачувајќи дека почитта кон јазикот, културата и идентитетот на секој граѓанин е темел на вистинско соживување и стабилна иднина.
The post Лога: Ова е историски чин – православна литургија и благослов на водите на албански јазик во Македонија appeared first on Во Центар.
Пронајдете не на следниве мрежи:



