Ромелу Лукаку прво доби пречек во Неапол налик на тој на легендарниот Диего Армандо Марадона, а потоа и официјално го потпиша договорот со Наполи каде што доаѓа од Лондон.
Белгиецот парафира тригодишен договор со Наполи, што значи дека ќе заигра и за шести европски гигант од почетокот на кариерата. Најдобриот стрелец во историјата на Белгија е уште еден во низата фудбалери кои го „олеснија“ платниот список на Челзи, кој од наполитанците инкасира 30 милиони евра со дополнителни бонуси. Тоа што навистина е фрапантно е што за трансфери на корпулентниот напаѓач во неговата досегашна кариера се потрошени неверојатни 370 милиони евра.
По лошата мината сезона, клубот од југот на Италија бара подобар резултат од само пласман на средината на табелата, па вистинското решение за нападот го виде во поранешниот фудбалер и на Андерлехт, Манчестер Јунајтед, Интер и Рома. Причина за потписот за Наполи е веќе виденото заминување на Виктор Осимен, но најмногу шансата за нова соработка со Анотнио Конте, кој го прероди во Интер.
Лукаку лани како позајмен играч во дресот на Рома постигна 21 гол на 47 натпревари, а во целата кариера постигна 301 гол на 636 клупски дуели, додека за Белгија постигна 85 погодоци на 119 натпревари.