Имајќи предвид дека поминаа речиси 60 години откако почна сексуалната револуција, прилично е неверојатно што на луѓето уште им е срам и страв да зборуваат за сексот, особено кога станува збор за сексуални фантазии и фетиши.
Ваквата неукост и инхибираност само им го ускратува сексуалното задоволство, укажува едно најново истражување чии резултати покажаа дека приврзаниците на BDSM имаат подобар сексуален живот.
Извештајот објавен во The Journal of Sexual Medicine покажува дека луѓето кои сакаат BDSM (bondage and discipline, dominance and submission, and sadomasochism/врзување и дисциплина, доминација и потчинетост и садомазохизам) имаат помалку сексуални проблеми од останатата популација. Истражувањето исто така покажува дека овие луѓе повеќе уживаат во сексот.
Истражувањето спроведено во Италија опфаќа 266 согласни BDSM учесници и 200 луѓе кои категорично се изјасниле дека не сакаат BDSM (контролна група).
Мажите во првата група се изјасниле дека најчесто ја избираат доминантната улога,а жените повеќе сакале потчинетост, а 30% од испитаниците во BDSM групата се изјасниле дека ги играат и двете улоги.
Истражувањето покажа дека испитаниците од првата група покажале пониски нивоа на стрес поврзан со нивниот сексуален живот, додека доминантните и оние кои менувале улога имале повисоко ниво на задоволство од сексот, како и помало ниво на загриженост во врска со сексуалноста во споредба со потчинетите и испитаниците од контролната група.
Она што во основа се заклучува од извештајот е дека луѓето кои се поотворени за сексот и сексуалноста всушност повеќе уживаат и имаат поздрав сексуален живот.
Авторот на истражувањето Филипо М. Нимби смета дека ова истражување е важно за да се оттргне стигмата околу BDSM и другите фетиши.
„Главната порака која сакаме да ја споделиме е дека BDSM не е патолошка појава, ниту има врска со психолошки проблеми“, вели тој.
Нимби сепак признава дека истражувањето има одредени ограничувања, како на пример дека примерокот е земен од BDSM заедници во Италија. Заклучоците од ова истражување сепак ги поткрепуваат оние од претходни истражувања на слична тема, дека приврзаниците на BDSM генерално се позадоволни од својот сексуален живот во споредба со другите луѓе.