Луѓето што живеат во позелени населби имаат поздраво срце

Претходните истражувања спроведени врз населението утврдиле дека животот во зеленило е поврзан со намален ризик од смрт поради срцеви болести и проблеми со дишењето, како и намален ризик за хоспитализација поради срцеви и мозочни удари, напоменуваат научниците. Но, немало многу докази за такви врски на ниво на поединци.
За потребите на сегашното истражување, научниците анализирале различни биомаркери на стрес и ризик од срцеви болести во крвта и урината кај 408 пациенти примени во клиника за кардиологија во Кентаки. Со помош на сателитските податоци на американската агенција НАСА, научниците процениле колку е густо зеленилото што го опкружува домот на пациентите.
Во споредба со луѓето што живееле во бетонски населби, жителите на најзелените населби имале значително пониско ниво на хормонот епинефрин во урината, што е показател за нивото на стрес, покажува истражувањето. Исто така, биле пронајдени и пониски нивоа на маркери за оксидативен стрес познат како Ф2-изопростан.


Дополнително, луѓето што живеат во зелени населби имале поголем капацитет за одржување на здравјето на крвните садови во споредба со оние што живееле опкружени со бетон и асфалт.
– Изненадува влијанието на зеленилото врз здравјето на луѓето, вели Аруни Батнагар, лидерот на истражувањето, од Универзитетот во Луисвил.
Испитаниците биле на просечна возраст од 51 година, повеќето имале висок крвен притисок или зголемен холестерол, и повеќето живееле во област со малку зеленило. Научниците истакнуваат дека ограничувањето на истражувањето е тоа што било спроведено на мал број испитаници.
– Доколку резултатите од истражувањето се потврдат, тоа би значело дека честите интеракции со природата би можеле да бидат еден начин на намалување на ризикот од срцеви заболувања – вели Батнагар.
Научниците истакнуваат дека врската помеѓу зеленилото и помалото ниво на одредени маркери за срцеви заболувања се потврдила и откако ги елиминирале другите фактори што можат да влијаат врз здравјето на срцето, како возраста, полот, пушењето, користењето статини за намалување на нивото на холестерол, близината на загадувањето од сообраќајот и влијанието на сиромаштијата.
– Иако е точно дека во повеќето американски градови побогатите живеат во позелени населби, во нашето истражување тоа статистички го зедовме предвид и се покажа дека влијанието на зеленило е независно од социо-економскиот статус, вели Батнагар.
Можно е и близината на зеленилото да поттикнува поголема физичка активност, а поголемата густина на зеленило да го подобрува квалитетот на воздухот, вели научникот Анемари Хирш, која не била вклучена во истражувањето. Зелените простори може да го зајакнат чувството на социјална кохезија, што е фактор поврзан со здравјето и благосостојбата.
– Зеленилото претставува и пречка на стресните фактори во животната средина,вклучувајќи ја и бучавата од сообраќајот и грдите градби – вели Хирш и додава дека погледот кон зеленилото ги блокира негативните мисли и чувства и со тоа го намалува стресот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.