МААЕ ќе распореди мисии за осигурување на безбедноста на украинските нуклеарни централи, најави украинскиот премиер

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ќе распореди мисии за да ја осигура безбедноста на петте украински нуклеарни централи, вклучително и АЕЦ Запорожје, изјави денеска украинскиот премиер Денис Шмигал.

„Овие мисии ќе имаат за цел да ја осигураат безбедноста на овие постројки и да ги следат сите настани што влијаат на постројките, особено нападите на руските агресори“, напиша Шмигал во Телеграма по средбата во Париз со генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси.

Украинскиот премиер не прецизираше кога ќе бидат распоредени мисиите и колкав ќе биде нивниот број. Експерти на МААЕ ќе бидат испратени во нуклеарните централи Запорожје, Хмелницки, Ривне, Јужна Украина и Чернобил.

Постигнат е договор за отстранување на тешкото оружје од нуклеарната централа Запорожје, соопшти денеска францускиот претседател Емануел Макрон. На овие зборови на Макрон реагираше Кремљ посочувајќи дека Русија не распоредила тешко оружје во нуклеарната централа Запорожје.

Русија продолжува да одржува контакти со МААЕ, која се обидува да посредува во создавањето на демилитаризирана зона во областа околу нуклеарната централа Запорожје, изјави на денешниот брифинг портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. 


Пронајдете не на следниве мрежи: