Македонецот кој се здоби со тешка повреда на ’рбетниот мозок при пад од тобоган во Кушадаси безбедно е пренесен во Скопје

Македонскиот државјанин кој се повреди на одмор во Кушадаси безбедно е пренесен во Скопје, информира Министерството за здравство. Тој се здобил со сериозна повреда на ’рбетниот мозок при пад од тобоган, а сега е хоспитализиран на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ
„Пациентот се здобил со повредата при несреќен случај на тобоган, за време на одмор во турското летувалиште Кушадаси. На 23 јули му била извршена хируршка интервенција во локална болница, каде што бил задржан на лекување до неговото пренесување во земјава. Имајќи ја предвид сериозноста на повредата и препораката на лекарите од Турција, Министерството за здравство веднаш се вклучи во координацијата на надлежните институции и здравствените установи. Во соработка со Владата и Службата за општи и заеднички работи беше организиран воздушен медицински транспорт со владин авион“, информира Министерството.
Од таму велат дека оваа сложена медицинска операција претставува пример за значењето на навремената и ефикасна институционална координација кога се работи за заштита на животот и здравјето на граѓаните.
„Поради сериозноста на повредата и потребата од брз и безбеден транспорт, од колегите беше побарано пациентот да биде пренесен по воздушен пат. Благодарни сме на Министерството за здравство, Владата и Службата за општи и заеднички работи за навремената реакција и поддршката во реализацијата на транспортот“, изјави директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски.
Во Турција бил испратен стручен медицински тим предводен од раководителката на КАРИЛ, д-р Марта Тренева. Тимот го презел пациентот и обезбедил континуирана медицинска грижа и надзор во текот на целиот транспорт до Скопје.
Пациентот сега е успешно пренесен и сместен на одделот за интензивно лекување при Клиниката за ТОАРИЛУЦ, каде што ќе продолжи неговиот третман.
„Пациентот е во здравствена состојба која бара интензивно лекување. Медицинската документација е разгледана, а хируршката интервенција извршена во Турција е оценета како соодветно и стручно спроведена. Повредите на ’рбетниот мозок се вбројуваат меѓу најсериозните повреди и бараат внимателно следење, мултидисциплинарен пристап и долготраен третман“, истакна д-р Мерџаноски.
Министерството информира дека во следниот период ќе бидат направени дополнителни испитувања, по што ќе биде утврден натамошниот тек на лекувањето и рехабилитацијата. Во зависност од здравствената состојба на пациентот, предвидена е и физикална терапија во спиналниот центар во земјава.

Пронајдете не на следниве мрежи: