Македонијапат ќе ја урива дивоградбата пред Мавровка

Македонијапат ќе ја урива дивоградбата пред Трговскиот центар Мавровка откако општина Чаир на два тендери не можеше да најде компанија која ќе го стори тоа.
Старо-новиот премиер Заев преку Фејсбук истакна дека на првата владина седна донесена е одлука Македонија пат да ангажира механизација, средства за работа и вработени за уривање на бесправно изградениот објект, и тоа на сопствена сметка.
Пред уривање на дивоградбата општина Чаир и претпријатието ќе треба да потпишат Договор.
-По исполнување на обврските од договорот општина Чаир и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извшување на обврските од одлуката, напиша Заев на Фејсбук.
Од општина Чаир во краток телефонски разговор за Сител потврдуваат дека општината ќе ја испочитува владината одлука.

-Општина Чаир ќе пристапи кон потпишување на Договор со ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта во наредните денови. По завршување на оваа процедура објектот ќе биде урнат. А за точниот датум навремено ќе бидете известени и повикани да го проследите уривањето на објектот, велат од прес-службата во Чаир.
Полицијата по повеќе од еден месец денеска го пронајде фантомскиот инвеститор на објектот и му поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство. Станува збор за 34-годишниот М.А.
На местото на старото кафуле Фонтана кое изгоре во пожар минатата година наместо тенда од времен карактер никна објект со столбови широки еден метар кои се поставени на цврста бетонска подлога.
Претходно, скопскиот градоначалник Шилегов рече дека по формирањето на новата Влада ќе бара Град Скопје да ги добие ингеренциите врз градежниот инспекторат за да се спречи урбаното дивеење во главниот град.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.