„Македонија блокира“ од петок ќе блокира и крстосници во Скопје

Здружението “Македонија блокира“ и нивните приврзаници кои се противат на уставните измени најавија дека ќе ги прошират своите активности. Покрај тоа што веќе петти ден по ред деноноќно се на просторот пред Собранието на Република Македонија, од петок попладне ќе почнат да ги блокираат и крстосниците во Скопје. На денешната прес-конференција Драган Угриновски информираше дека се свесни дека заради тоа сообраќајот од петок ќе биде значително отежнат, сепак повикуваат на разбирање од страна на граѓаните.
„Ова не го правиме за личен интерес, партиски или за интерес на некое друго здружение, туку за одбрана на светото македонско име, идентитет, историја и традиција на македонскиот народ“, рече Угриновски.
Што се однесува до петте најавени јавни дебати и дијалог за Нацрт-амандманите за измена на Уставот што ќе ги организира Владата, Угриновски рече дека тоа е уште една голема измама од власта доколку се погледне списокот на учесници на дебатите.
„Македонија блокира“ го повикува премиерот Заев да учествува и на јавна дебата за уставните измени организирана од нив. Тие повторија дека цел на нивните активности е распуштање на Собранието и распишување нови избори.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.