Топол воздушен бран ќе ја задржи Македонија под силно сонце до крајот на следната седмица каде што температурата ќе достигне надne 40 степени. Најкритичниот период се очекува од среда, 5 август, а особено внимателни треба да бидат постарите лица, децата, бремените жени, хронично болните и работниците на отворено.
Македонија влегува во подолг период на сончево и многу топло време, во кој секојдневните обврски, движењето низ градот, работата на отворено, па дури и краткото останување во затворен автомобил можат да претставуваат сериозен ризик за здравјето.
Според најавата на Управата за хидрометеоролошки работи, денеска времето ќе биде сончево и топло, со мала локална облачност и со слаб до умерен ветер од североисточен правец.
Утринските температури ќе се движат од 12 до 20 степени, а во текот на денот ќе се искачат меѓу 32 и 39 степени Целзиусови. Во Скопје се очекува сончево и топло време, со температура од околу 18 степени наутро до 36 степени во најтоплиот дел од денот.
Ова, сепак, е само почетокот на жешката серија.
При екстремно високи температури телото потешко ја одржува нормалната телесна температура. Кога воздухот се приближува или ја надминува температурата на човечкото тело, природното разладување станува отежнато, особено доколку влажноста на воздухот е висока и потта потешко испарува.
Затоа, водата не треба да се пие дури откако ќе се почувствува жед. Течности треба да се внесуваат редовно во текот на целиот ден, при што најдобар избор е обичната вода. Може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци, додека алкохолот, пијалаците со кофеин и екстремно студените пијалаци треба да се избегнуваат.
Институтот за јавно здравје препорачува директното изложување на сонце и активностите на отворено да се избегнуваат од 11 до 17 часот. Граѓаните што мора да излезат во овој период треба да носат лесна и светла облека, очила за сонце и светла капа со широк обод, како и почесто да одмораат под сенка.
Во домот, прозорците и ролетните треба да бидат затворени во текот на денот, а просториите да се проветруваат навечер, кога надворешната температура ќе се намали. Се препорачува престој во климатизирани или добро проветрени простории и повремено разладување со млак туш, ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода.
Исхраната треба да биде умерена и полесна, без премногу масна, висококалорична храна и производи со големо количество шеќер.
Жештините не влијаат исто врз сите. Највнимателни треба да бидат:
– лицата над 60 години;
– бремените жени;
– бебињата и децата;
– хронично болните;
– социјално ранливите граѓани;
– лицата со прекумерна телесна тежина;
– работниците што поголем дел од денот го минуваат на отворено.
Зголемен ризик имаат лицата со кардиоваскуларни, белодробни и бубрежни заболувања, дијабетес, невролошки и ментални заболувања, како и оние што примаат терапија која го зголемува мокрењето.
Хронично болните не треба самостојно да ја менуваат или прекинуваат терапијата. При каква било промена на здравствената состојба, потребно е да се консултираат со матичниот лекар.
Посебно внимание треба да им се посвети и на лицата што живеат сами. Еден телефонски повик или кратка посета на постар роднина или сосед може навреме да открие дека лицето е дехидрирано, дезориентирано или не ја поднесува високата температура.
Градежните работници, земјоделците, сообраќајните полицајци, доставувачите и сите што работат под директно сонце се меѓу најизложените категории.
Препораките на Институтот за јавно здравје до работодавачите се да се избегнува работа на отворено од 11 до 17 часот, да се овозможат почести паузи, разладени простории, вода и електролити, како и ротација на работните задачи. Се препорачува и намалување на интензитетот на работата, избегнување прекувремена работа и посебна заштита на постарите работници, бремените жени и хронично болните.
Следните денови ќе бараат промена на секојдневниот ритам: обврските да се завршуваат рано наутро или навечер, физичките активности да се ограничат, а шише вода да стане задолжителен дел од сè што се носи при излегување.
Жештината не може да се избегне, но нејзините последици во голема мера можат да се спречат.



