Македонија во црно – Денес ќе бидат поребани 59 загинати од трагедијата во Кочани

Македонија продолжува да бара правда за 59-те загинати во пожарот во ноќниот клуб и поефикасна борба против корупцијата, која се смета за одговорна за најтешката катастрофа во поновата историја на земјата. Властите приведоа околу 20 лица во врска со пожарот, меѓу кои и поранешни владини претставници, екс-директор на ДПИ, полициски инспектори и началници, менаџерот на клубот…

Погребот на 59-те жртви во ноќниот клуб ќе биде извршен денеска. На погребот ќе присуствува и поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, како и неколку владици од Синодот.

Погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во село Облешево, додека погребите на други места од каде што има починати ќе бидат во различни временски периоди. Погребни церемонии ќе има и во Пробиштип и во Скопје

Митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион по несреќата во дискотеката во Кочани, каде што згаснаа животите на 59 лица, повика со молитва кон Бога, со трпение, со смирение да се подготвиме и починатите да ги испратиме во вечноста и болните да се молиме Господ Бог да ги исцели и да ги излечи.

Тој изрази  сочувство до родителите, роднините и блиските на починатите, а на починатите им посака човековљубивиот Бог да ги насели во царството небесно меѓу ангелите и светителите.

Од 59-те загинати во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, 43 се од Кочани, по пет лица се од Скопје и Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Тројца од починатите се малолетници. Повредени се 178 лица, од кои 64 се во државните болници во Македонија, 13 се во приватните болници, a во моментов 101 пациент се лекува во странство.

Пожарот во Кочани околу три часот по полноќ избувна за време на настапот на групата „ДНК“ предизвикан од искри од пиротехнички средства на бината кои го запалиле таванот. Преполниот ноќен клуб кој бил поранешен магацин за теписи, имал само еден излез за итни случаи, кој бил заклучен за време на концертот. Имал само два противпожарни апарати и немал аларм за пожар или водни прскалки. Таванот бил од запалив материјал, а ѕидовите од гипс картон не биле огноотпорни.

Пронајдете не на следниве мрежи: